Македонија
24. July 2022 - 16:52

И Струмица годинава со коњаница за Илинден

За Илинден и струмичкиот регион ќе има своја коњаница. Петмина јавачи од селото Радово годинава ќе бидат дел од традиционалниот коњички марш кој се организира во чест на големиот национален празник. Ова е за прв пат јавачи од овој регион организирано да бидат дел  од Илинденскиот  марш. Се решиле на ваков чекор бидејќи сакале на тој начин да им оддадат почит на сите загинати Илинденци.

За да го поминат паток долг околу 200 километри и да стасаат до Крушево на коњаниците од Радово ќе им требаат неколку дена. Долгото јавање не ги плаши бидејќи и тие и коњите за ова  се подготвувале интензивно уште од месец април.

Дел од петорката јавачи ќе биде и осумгодишниот Матеј Сирачев кој е  еден од најмладите учесници на овој коњички  марш. И тој  вредно се подготвувал со неговиот коњ и со нетрпение го очекува денот на поаѓање.

 Коњаницата од селото Радово  ќе тргне во вторник. Пред заминување ќе побараат благослов од нивниот свештеник, а ќе се поклонат и пред спомениците на Гоце Делчев и Борис Трајковски во Струмица по што се упатуваат кон Бигорски Манастир каде треба да се спојат со Бигорската коњаница.