Македонија
17. јуни 2022 - 9:46

Делегација на Комисијата за транспорт, врски и екологија на конференција во Косово

Делегација од Собранието на Република Северна Македонија денеска и утре ќе учествува на Меѓународна парламентарна конференција на тема „Иднината на транспортот“, во Приштина, Република Косово, информираат од Собранието.

Во делегацијата учествуваат членовите на Комисијата за транспорт, врски и екологија: Ненад Коциќ, Љупчо Балкоски, Олга Лозановска, Берат Ајдари, Сурија Рашиди, како и заменик-членот на Комисијата Мирче Аџиоски.

Меѓународната парламентарна конференција е организирана од страна на Собранието на Република Косово, а во соработка со ОН-Хабитат Косово, Фридрих Еберт Штифтунг, Германското друштво за меѓународна соработка и Националниот демократски институт.

На отворањето се очекува воведно обраќање да имаат: Фиторе Пацоли Далипи, претседател на Комисијата за животна средина, храна, земјоделство, планирање и развој, Рене Шле, директорот на ФЕШ за Косово, Глаук Коњуфца, претседател на Собранието на Косово и Бесник Балими, вицепремиер на Република Косово.

-Се очекува обраќање да имаат и неколку експерти од областа на транспортот како и претставници од парламентите на Република Косово, Република Северна Македонија, Република Албанија и Република Турција кои ќе имаат свои излагања на темата: „Одржлива мобилност и декарбонизација на западен Балкан“, соопштуваат од Собранието.

На вториот ден од Меѓународната парламентарна конференција предвидена е средба со косовскиот премиер Албин Курти.

-Учеството на Меѓународната парламентарна конференција е од големо значење бидејќи се очекува да се разменат искуства и практики во врска со реформите во секторот транспортот, одржливиот транспорт, урбаната мобилност и декарбонизацијата по примерот на земјите членки на Европската Унија, велат од Собранието.