Македонија
6. јуни 2022 - 20:02

Прилеп доби признание за најзелена општина

Општина Прилеп е избрана за најзелена општина во Македонија за 2021 година од страна на ЕУ, поради примарна селекција на отпад, со која се опфатени 75% од домаќинствата во Прилеп. Како куриозитет е фактот што 40% од вкупниот селектиран отпад во Македонија, вклучувајќи го тука и Скопје, се селектира во Прилеп. Овој проект е воспоставен во 2012 и на секое семејство му е поделена по една зелена канта за органскиот отпад и жолта корпа за селекција на хартијата и пластиката. 

„Се работи на тоа градот да биде покриен до 100% до примарна селекција на отпад. Во иднина со дополнителни средства ќе се оди на проширување на примарната селекција и со стакло и метал“, вели Рубин Абрашоски, директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.

Со примарна селекција се покриени и 17 села, освен мариовскиот крај. 

„Се разбира дека целиот овој проект се реализира во партнертство помеѓу граѓаните и општината и ова е благодарност до самите граѓани“, истакна ЕУ амбасадорот Дејвид Гир.

Во иднина се планира изградба на линија се секундар селекција на отпад покрај самата депонија кај Алинци.

„И ќе бидеме пример за тоа како се заложуваме за зачувување на екологијата во нашата држава“, кажа Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп. 

Годишно во Прилеп се селектираат по околу 900 тони на хартија и 100 тони пластика, како и други видови на отпад.