Свет
28. January 2016 - 19:53

Британската опозиција бара запирање на испораките оружје за Саудиска Арабија

Британската опозиција побара од владата на премиерот Дејвид Камерон запирање на испораката на британско оружје за Саудиска Арабија, откако властите во Ријад беа обвинети дека во војната против шиитските бунтовници во Јемен, се бомбардираат цивилни цели, како што се, болници, училишта, или пазаришта.

Заменик министерот за надворешни работи, задолжен за Блискиот Исток изјави дека сите испораки на британско оружје, детално се испитуваат и разгледуваат.

Лабуристичките пратеници побараа детална истрага за испораките оружје за Саудиска Арабоја, како и степенот на „британската вмешаност„ во јеменската војна.

Британските лабуристи бараат да се утврди која е вистинската улога на британскиот воен персонал во воената кампања во која се бомбардираат позициите на шиитските бунтовнички Хути од страна на коалицијата на сунитски земји, што ги предводи Саудиска Арабија.

Официјален Техеран кој од страна на Ријад е обвинуван дека ја „предизвикал„ војната во Јемен, за да обезбеди влијание на арабискиот полуостров, тврди дека директното вклучување на Саудиска Арабија на една од страните во судирот, со својата авијација, ќе се претвори на крајот во „саудиски Виетнам„.

ОН претходно предупреди дека нападите од воздух во јеменската војна во најголем број случаи се насочени кон цивилни цели.