Бизнис
12. April 2022 - 21:12

Анализа: Дали владините мерки за увоз на зејтин се доволни?

Укинатата царина за увоз на масло за јадење е недоволна мерка. Производителите на масло велат дека едноставно нема од каде да се увезе. 

Сашо Наумоски, генералниот директор на Витаминка, во телефонски разговор за Сител вели дека масло нема никаде за да може да се увезе, па укинатата царина да има некакво влијание за нормализирање на  пазарот. 

Единствено решение засега останува Србија да ја дигне рампата како што вети и да дозволи извоз и на масло. 

Витаминка има договорено 4.500 тони со српски партнер, третина од оваа количина е веќе платена, но не може да стигне во земјава. Наумоски смета дека Владата треба да размисли и за мерки со кои ќе се ограничи продажбата во маркетите. Маслото за јадење во земјава е поевтино од сите земји во регионот, па Грците, Бугарите и Албанците купуваат големи количини тука и рафтовите остануваат празни.

Ако во нормални услови Брилијант троши по 1000 тони, сега со паничното купување потрошувачката е двојно зголемена, а залихи има се помалку.

Владата денеска одлучи да ја укине царината за увоз на масло. За да нема недостиг на домашниот пазар, наместо со 29%, маслото за јадење ќе влегува во земјата без давачка. 

Со ваквата мерка, која ќе трае до 31-ви мај, се очекува и пад на цената за најмалку 20 %. Владата истовремено ја продолжи и забраната за извоз на житарици и малсо за јадење до 15-ти мај. 

Според производителите, оваа забрана треба да продолжи до крајот на годината.