Македонија
18. March 2022 - 16:41

Инспекторка од државниот инспекторат за земјоделство приведена со парите кои ги добила како поткуп

37-годишна земјоделска инспекторка е приведена во Прилеп поради примање поткуп од околу 1000 евра, информираа денеска од СВР Битола. Била приведена утрово во 9:30 часот во угостителски објект во Прилеп. 

-Полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп ја лишиле од слобода В.В. – земјоделски инспектор во Државен инспекторат за земјоделие поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп" по член 357 од Кривичниот законик. Таа била затекната при примање поткуп од 64.000 денари од лице од Прилеп, по што веднаш била лишена од слобода, а парите ѝ  биле одземени, изјави Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола. 

Таа била приведена во полициска станица,а како што информираат од СВР Битола, по целосно документирање и расчистување на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.