Горивата може повторно да поскапат пред полноќ - Трговците предупредуваат дека намалениот профит ќе предизвика хаос
Регулаторна го скрати профитот на трговците но, цените на горивата продолжуваат да растат.
И вечерва се очекува ново поскапување на горивата, со оглед на тоа што цената најмногу зависи од тргувањето на светските берзи, каде во последните пет дена значајно растеа цените на готовите нафтени производи.
„Се наоѓаме во најдинамичната недела со најголем број на флуктуации на дневна основа на берзата на нафтени деривати, особено на дизелот, што се рефлектираат на крајната цена на дериватите што ги плаќаат крајните купувачи во земјава“, посочуваат од Регулаторната комисија за енергетика.
За да го амортизира поскапувањето, Регулаторна од вчера ја намали маржата на трговците за 33%, или од 4,5 денари ќарот на бензинските сега е околу 3 денари од литар. Доколку не се скрател профитот, вчера горивата ќе поскапеле за уште два денари повеќе.
Трговците предупредуваат дека ваквата одлука може да доведе до криза во снабдувањето со нафта и нафтени деривати, што претставува сериозен ризик за целокупната економија.
„Овој сектор изминативе недели веќе работи со загуба поради несоодветната методологија за пресметка, што доведува набавните цени да се повисоки од постоечката малопродажна. Со дополнителното намалување на маржите, загубите ќе бидат огромни. Укажуваме дека тоа може да принуди одредени трговци да престанат да продаваат гориво, а тоа е опција која што и „Макпетрол“ сериозно ја разгледува“, велат од компанијата.
Реакции има и од други трговци, кои најавуваат затворање на бензинските станици во Источна Македонија.
„Со сегашното намалување нашите загуби ќе бидат екстремно високи. Дополнителен проблем се и дивите, подвижни, бензински станици кои што нелегално функционираат на паркинзи и каде што гориво се продава и купува во буриња. Поради сите овие крајно непазарни услови, ние нема да имаме избор и ќе ставиме клуч на нашите бензински станици“, реагираат од Здружението на брендирани и приватни бензински пумпи, кои што работат во источниот дел на Македонија.
Надлежните бараат трговците да бидат солидарни и разумни, бидејќи пресметките се прават секојдневно токму на нивно барање, за да не трпат загуби доколку се носеа одлуки како претходно, на неделно ниво.
Инаку, цените на горивата се продаваат по рекордни цени. За само една недела дизелот поскапе за 18,5 денари, а бензините за 9 денари. Надлежните апелираат за брзо усвојување на законските измени во Собрание, со цел да се заузда поскапувањето и да се заштити куповната моќ на населението.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
