Македонија
27. February 2022 - 16:36

Снежните врнежи заглавија планинари на Пелистер, проблеми и на планинските превои

Обилни врнежи од снег утрово ја зафатија Битола и околината, а заради снегот утрово во 6:40 часот патниот правец Битола – Ресен преку планинскиот превој Ѓавато беше затворен за сообраќај за тешки товарни возила. Камерата на Сител регистрираше паркирани камиони и полициско возило на овој пат.

Од јавното претпријатие Нискоградба велат нема пречки во сообраќајот низ градот, а цела механизација е излезена на терен од 7 часот утрово. Првично се чистат улиците од прв приоритет, а попладне ќе преминат на споредните улици. Се интервенираше и во руралните места за кои се задолжени. Велат дека температурите се поволни, снегот е влажен и не се задржува.

-Не се очекува овој снег да направи проблеми бидејќи се третира со ризла и сол, третирањето ќе се интензивира во попладневните часови, да ја пресретнеме ноќта и пониските температури. Попладне ќе намали интензитетот, ќе се работи во улиците во понискот приоритет, а според најавите и утре ќе има снег. Попладне ќе се влезе и во селата за да има повеќе достапност за жителите, изјави Зоран Талевски, директор на Нискоградба.

И битолчани сметаат дека овој снег нема да прави проблем.

Многу снег денеска наврна и во ски-центрите Копанки и Ниже Поле од каде апелираа до граѓаните да не се качуваат се додека во целост не бидат обезбедени услови за движење и да се расчистат овие патни правци. Од ЈП Стрежево велат дека во Ниже Поле до 10 часот имаше наврнато 70 сантиметри снег.

Инаку според УХМР, до утре снежната покривка на планините значително ќе се зголеми, а нова ќе се формира на повеќе места, особено во западните делови каде локално ќе наврнат и над 20 см нов снег.