Македонија
29. January 2022 - 16:41

Маричиќ најавува внесување на Бугарите во македонскиот Устав пред приемот на Македонија во ЕУ

Власта и опозицијата во активен дијалог за уставните измени. Потребата ја налага бугарското барање за вметнување на македонските Бугари во Уставот, за што е потребна согласност од пратениците од ВМРО ДПМНЕ.

Од владата денеска уште еднаш потврдуваат дека политичка волја за исполнување на ова барање постои, но дека Уставот треба да се отвори пред нашето влегување во ЕУ.

Постои ли расположение кај опозицијата тоа да се случи порано, е тема на разговор меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ.

„Како што спомна и премиерот Ковачевски, вчера имало телефонски разговор помеѓу него и лидерот на опозицијата. Јас сум убеден дека во наредниот период, во наредните неколку недели ќе има средби со опозицијата. Впрочем владата и СДСМ секогаш биле отворени за дијалог и во минатото кога биле потребни уставни измени, така ќе биде и сега”, вели Маричиќ

Телефонската комуникација ја потврдија и од ВМРО ДПМНЕ. Велат дека тема на разговор била лидерска средба меѓу Ковачевски и Мицкоски, на која ќе се расправа за актуелни теми.

Во меѓувреме тврдат дека менувањето на Уставот е само прашање на време и со тоа ветување Ковачевски отпатувал во Софија.

„Од страна на Османи и Ковачевски не бил испочитуван ниту принципот за на реципроцитет, односно рамноправност којшто како Влада се обврзани да го почитуваат, а истиот произлегува од Резолуцијата изгласана во македонското Собрание. Како и Зоран Заев, така и Ковачевски првата работа што ја прави е ветување на надворешни фактори за отворање на Уставот и негова промена”, вели Ковачки.

Оптимизам и натаму шири премиерот Ковачевски. Решени сме со колегата Петков да ја обновиме довербата и позитивниот дијалог, рече премиерот на академската конференција Македонија – Бугарија 2030.

„Точно е дека испишувањето на новите страници на односите меѓу двете земји е поставена на највисоко ниво, на ниво на Влади. Но, јас и премиерот Петков ја презедовме иницијативата да се водат инклузивни разговори, од долу нагоре. Односно проектите за унапредување на соработката и на пријателството меѓу народите на двете земји да дојдат од тие кои се директно засегнати за нив и кои ќе бидат директно задолжени за нивно спроведување”, вели Ковачевски.

Премиерот го најави и следниот чекор за соработка. Ресорните министерства организираат нова средба во Скопје, на која ќе учествуваат сите стопански комори од двете земји.