Се соочува ли БЕГ со одземање на лиценцата?
БЕГ без одговор дали ќе го прифати владиниот предлог или ќе остават простор да им биде одземена лиценцата за работа. Вчера мандатарот Ковачевски посочи дека обезбедиле финансиски средства за компанијата во вид на кредит од развојната банка, за кој БЕГ треба да достави гаранција. Но, ако тоа не се случи ќе им биде одземена лиценцата.
Од РКЕ појаснија дека може да ја одземе лиценцата доколку не почне да ја врши законски пропишаната дејност, доколку ја прекине или доколку не постапи по барањата на надлежните за отстранување на недостаоците во работењето кои довеле или би може да доведат до прекин на нивната услуга.
И додека се чека да се најде решение, скопјани среде зима и на ниски темепратури седат дома со слаби радијатори.
Денеска, пак, 500 домаќинства од Чаир и Бутел кои се приклучени на Топланата Скопје Север по речиси една недела добија греење, откако Општина Чаир уплати дел од својот долг кон компанијата. Сепак, од Скопје Север објаснија дека со овие средства може да се обезбеди греење за само неколку дена.
Останува проблем високата цена за набавка на природен гас, а од страна на надлежните институции се уште нема информација за обезбедување на дополнителни финансиски средства. Под овие услови без да се вклучат надлежните инситуции се доведува во прашање понатамошното работење на Топланата Скопје Север, се вели во дописот од компанијата.
Од Владата пак уверуваат дека се прават напори да се помогне за да се обезбеди гас за Топланата Скопје Север.
Високата цена на гасот придонесе по Нова Година парното да поскапи за 14 проценти. Освен грењето, се зголеми и цената на струјата. Поради тоа Владата донесе одлука финансиски да се помогнат домаќинствата со ниски примања. Министерството за економија денеска го објави со кој тие ќе добијат од 600 до 800 денари пониски сметки за струја.
-
Ирена Чачкова
Сите содржини од овој новинар