Советот за безбедност во Бугарија гради единствен став за Македонија
Со кои позиции ќе допатува Петков во Скопје и ќе има ли промена на бугарската политика кон Македонија? Овој одговор треба да го даде состанокот на Советот на национална безбедност свикан од претседателот Радев, со евроинтеграцијата на Македонија како единствена тема.
На средбата во претседателскиот кабинет Софија учествуваат лидерите на сите парламентарни партии, претседателот на Народното собрание, како и бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов, кој треба да ја претстави сликата од Скопје.
Се очекува политичките сили во Бугарија и претседателот Радев да постигнат консензус во ставовите по однос на Македонија.
Бугарскиот премиер најави нов пристап во спорот и активирање на пет работни групи, со паралелна работа на историската комисија, но не се знае дали ваквиот став ќе биде прифатен денеска од коалиционите партнери и шефот на бугарската држава.
Засега Бугарија цврсто се држи до ставовите утврдени со Декларацијата од 2019 година кои се неприфатливи за Скопје.
За време на состанокот, пред зградата на претседателството протестира ВМРО – БНД. Со пораки Македонија е бугарска, го повикаа државниот врв да не се откажува од веќе утврдените позиции.
Ова не е протест, а може да стане доколку не ги испочитувате националните позиции, се закани европратеникот Ангел Џамбаски. Дополни дека доколку владата отстапи од официјалната бугарска позиција, ВМРО ќе иницира национален референдум за ова прашање.
За време на собирот беше приведен маж кој расфрли летоци со натпис “Во Македонија нема Бугари, само Македонци, така е и во Пиринска Македонија” и “Македонија е македонска”.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
