Ковачевски го доби мандатот од Пендаровски - излегоа првите имиња за министри од СДСМ
Николовски од вицепремиер за борба со корупција да се пресели во одбрана, Бочварски да остане во транспорт, Трајан Димковски заменичката да ја замени со министерската фотелја во земјодели. Извори на Сител од СДСМ велат дека овие се комбинациите кои се прават во владејачката партија во пресрет на составувањето на новата Влада. Се водат преговори и со коалициските партнери на СДСМ. Изворите вклучени во процесот брифираат дека министерската позиција во труд и социјала била понудена на партијата на Тито Петковски. Заради баланс во родовата застапеност, позицијата треба да ја добие пратеничката Соња Мираковска. Сепак, за ова одлука ќе треба да донесе НСДП затоа што во тој случај партијата ќе остане со само еден пратеник во Собранието. Претходно се шпекулираше дека Славајнка Петровска, кој беше дополнителен заменик министер во МВР, ќе биде прв човек во ова министерството .
Новиот лидер на СДСМ Ковачевски најави дека по Божиќ предлогот за новата Влада ќе го достави до Собрание, а целата постапка за избор би завршила кон средината на јануари. Тој по добивањето на мандатот денеска рече дека економијата ќе биде во фокусот на новата Влада.
Лидерот на опозицијата пак Мицковски вели дека Ковачевски не е легитимен мандатар затоа што не учествувал на избори.
Ковачевски деновиве ќе се сретне и со коалициските партнери Ахмети и Гаши. Од ДУИ веќе најавија дека ќе ги задржат своите кадри во сите ресори како и досега, со тоа што Јетон Шаќири од информатичко општество ќе се пресели во образование. Алтернатива ги добива здравство и администрација, како и министер без ресор задолжен за дијаспора.
-
Наташа Хаџиспиркоска Стефанова
Сите содржини од овој новинар