Состојбата со коронавирусот стабилна, засега нема потреба од нови мерки за заштита од новиот сој
Комисијата за заразни болести вчера донесе одлука дека нема потреба од нови мерки за заштита и превенција од новиот сој на коронавирусот Омикрон. Министерот за здравство, Венко Филипче заклучи оти епидемиолошката состојба е стабилна, а двонеделната инциденца се намалува со некаде околу 14 проценти и минатата недела има околу пет проценти помалку дијагностицирани случаи во однос на онаа недела претходно и во болниците има поголем број на слободни кревети.
– Гледаме дека некои земји преземаат некаква форма на рестрикција. Сепак, нашиот заклучок е дека остануваме со сегашниве мерки. Се уште нема доволно познати информации. Иако Светската здравствена организација укажува на тоа дека можеби е полесно пренослив, сепак директорот на Американскиот институт за здравство д-р Колин вели дека и за тоа нема доволно информации. Можеби се тука некаде по степенот на преносливост со делта сојот. Сметам дека рестрикција во однос на затворање на граници на секој што доаѓа од одредени земји нема да даде ефект поради тоа што очигледно се детектирани во некои европски земји и досега видовме дека кога нов сој ќе се појави едноставно не може да се спречи, да остане ограничен на една територија каде било во светот. Очигледно е дека соеви ќе се јавуваат и понатаму, така што остануваме со овие мерки коишто сметаме дека се добро димензионирани. Се става акцент на вакцинацијата. Ако некој не е вакциниран може да патува со ПЦР-тест, изјави Филипче по состанокот на Комисијата.
Додека во државата состојбата е стабилна, министрите за здравство на земјите од Г7 вчера одржаа итен состанок на кој дискутираа за ширењето на новиот сој на коронавирусот, а дел од земјите започнаа и со воведување на нови мерки. Европскиот центар за превенција и контрола на болести предупреди оти новиот вид е поотпорен на вакцините и се шири побрзо.
Во текот на вчерашниот ден, согласно податоците од Министерството за здравство направени се 1245 тестирања, регистрирани се 118 нови случаи со Ковид-19, 18 починати и 396 оздравени пациенти.
Вкупно се аплицирани 1.694.373 дози вакцини, а ревакцинирани се 794.666 граѓани, трета доза вкупно примиле 70.937 граѓани. Со една доза вакцина се вакцинирани 58 проценти од полнолетното население, додека со две дози вакцинирани се 47 отсто. Од вкупниот број население, една доза имаат примено 39 проценти од граѓаните, додека со две дози се вакцинирани 38 отсто.
Министерот Филипче на својот Фејсбук-профил напиша дека согласно препораките од СЗО, вакцинацијата против Ковид-19 е побезбеден начин да се помогне во градењето заштита отколку да се заразиме или разболиме.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека „Фајзер“ мора да ја адаптира својата вакцина против коронавирус на новиот сој во рок од сто дена.
-Во текот на следните две до три недели, научниците ќе собираат информации за сојот Омикрон за да добијат најточна слика за тоа колку е опасна новата мутација на коронавирус, изјави претседателката на ЕК и додаде дека Европа треба да ги засили вакцинирањето и санитарните услови.
И состојбата во училиштата е стабилна и тие остануваат отворени за настава со физичко присуство, изјави министерката за образование и наука, Мила Царовска.
Царовска истакна дека бројките се исти како и во изминатите недели, односно не е забележан раст на КОВИД-позитивни ученици.
-Процентот на новозаразени според дневните статистики, се движи од 0,01 до 0,03, а вкупниот број активни случаи во училиштата не надминува 0,3 отсто од вкупно 255 илјади ученици коишто следат настава со физичко присуство, соопшти министерката.
Досега во земјата се направени вкупно 1.468.996 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 215.125, бројот на оздравени пациенти е 199.460, на починати е 7.569, а на активни случаи изнесува 8.096.
Ново на Сител
-
Осуммина загинати и 18 спасени откако се преврти глисер со мигранти во близина на грчкиот остров Родос
-
Марк Гиу најдобар стрелец во Конференциската лига
-
Гвардиола го сака Меси во Манчестер Сити
-
Леброн лидер во НБА по најмногу минути игра
-
Кејн утре би можел да се врати во составот на Баерн
-
Лазаров одбра 20 ракометари за Светското првенство
-
Протест на вработени во ЈП „Улици и патишта“, бараат исплата на плата и К-15
-
Скопјани утрово дишат најзагаден воздух во Европа