Македонија
20. November 2021 - 16:32

Проблемите од ковид пандемијата главен проблем на Меѓународниот ден на детето

Пандемијата остава психички последици кај децата. Депресија, тензија, стрес и загриженост за своите и животите на своите најблиски. Ковид пандемијата се најде на врвот на листата проблеми со кои се соочуваат младите повеќе од една година. Ова донесе многу предизвици, но и потешкотии и во следење на наставата, најмногу додека децата беа дома. Во организација на детската амбасада Меѓаши, на Светскиот ден на детето, децата сами ги кажаа своите проблеми.

Дека се уште има деца чии желби, соништа и безгрижно детство се загрозени потврди и претседателот Пендаровски во своето обраќање по повод Светскиот ден на детето поради тоа упати и апел до надлежните институции.

- На крстосниците на нашиот главен град, но и во другите градови, имаме деца питачи, десетици деца надвор од школскиот систем, имаме и деца кои, воопшто, не се евидентирани во матичните книги на родените. Мораме да се соочиме со сите овие проблеми и да најдеме конкретни  решенија брзо. Апелирам до надлежните институции, да не дозволиме ниту едно дете да ни е на улица, надвор од образовниот систем, маргинализирано или злоупотребено, кажа претседателот Пендаровски.

Народниот правобранител, пак, оценува дека физичката дистанца и онлајн наставата влијаат врз менталното здравје на децата. Во таа насока сите чинители во општеството се должни да сторат се што е во нивнна моќ за да им се помогне на децата.

- Повеќе од една година, децата, не само кај нас туку низ целиот свет се соочуваат со поинаков начин на живот во сите сегменти, вклучувајќи го и образовниот процес. Физичката дистанца, онлајн наставата влијаеа и се уште влијаат врз децата, оосбено врз нивното ментално здравје и социјализацијата, како битен сегмент во нивниот психолоши развој. Во таа насока сите чинители се должни да сторат сѐ што е во нивна моќ и да им помогнат на децата што полесно, побезболно да го поминат овој период, без тој да остави трајни последици врз нив, посочуваат од Омбусдманот.

Светскиот ден на детето прв пат во 1954 година беше прогласен за Универзален ден на детето и се слави на 20ти ноември секоја година за да се промовира меѓународното заедиштво, потребата од заштитата на децата и подобрување на нивната благосостојба.