Македонија
16. November 2021 - 12:35

Пандемијата предизвикува психички проблеми кај луѓето

Променетиот начин на живеење за време на пандемијата влијаеше врз менталното здравје кај луѓето, покажало истражувањето на психологот Сашо Кочанковски. Особено овие нови услови за живеење во пандемија влијаеле врз здравствените работници.

-Како што се очекуваше се јавуваат промени во нивото на стрес, исцрпеноста. Брн аут синдромот особено беше присутен кај здравствените работници, тука беше и намалениот број на персонал, но и притисокот од јавноста, рече проф.д-р Сашо Кочанковски, психолог.

Истражувањето покажало дека нивото на стрес особено бил голем кај екстровертните личности.

-Повеќе трпеа екстровертните затоа што нивниот начин  на живеење е во комуникација, дружење, со овие услови на спречување на таков начин на однесување беа во една понеповолна положба за разлика од интровертните, кои повеќе ја црпат енергијата кога се сами, вели Кочанковски.

Промената на живеењето на секојдневието, ограничувањата, промената на стилот на живеење ја зголеми и депресијата во голема мера, а тоа беше случај и кај помладата популација, вели Кочанковски.

Тој потенцира дека стравот, загриженоста за себе, но и за блиските и заедницата, постојаниот стрес и превентива да не се инфицираме или да го пренесеме вирусот, сето тоа беше причина за зголемување на депресивноста кај луѓето.