Македонија
13. November 2021 - 16:43

Има ли преговори за ново мнозинство?

Викенд позиционирање на политичката шаховска табла. По завршницата во четвртокот, во тек е нова партија преговори во која секој разговара со секого. Ова е генералниот став на главните актери во борбата за мнозинство во Парламентот.

Кој ќе стигне прв до гласот на најмалку 61 пратеник во законодавниот дом и дали е ова само затишје пред нова политичка бура?

По неуспешниот епилог на опозициската иницијатива за уривање на Владата, од владејачкото мнозинство тврдат дека се поблиску до целта. Не отстапуваат од барањето за оставка на Христијан Мицкоски, повторно обележувајќи го како анти ЕУ и анти НАТО политичар.

Опозицијата, пак, прецизно не ги открива активностите со кој планира да ја спречи власта во окрупнување на коалициска пратеничка група. Единствена оставка за која треба да зборува СДСМ е онаа одложената на нивниот лидер, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Од партијата потенцираат дека се разговара со сите кои не го гледаат Заев на премиерската функција.

“ВМРО ДПМНЕ останува отворено за соработка со сите оние кои се против режимот и киднапираната демократија...Во контакт сме со сите, подаваме рака до сите оние кои мислат дека не вреди Заев да е на чело на државата”

Во моментов се чини дека клучот за формирање на мнозинство го има Африм Гаши и партијата Алтернатива. Нивните четири пратеници сега тежат како за многу повеќе, но лидерот Гаши не брза со одлуката.

Вели дека е против нови парламентарни избори, но дека предност во преговорите ќе им дадат ВМРО ДПМНЕ и на Алијанса за Албанците, нивните коалициски партнери.

Официјална понуда од СДСМ засега немаме, вели Гаши.

“Принципиелно е ние да дискутираме прво со ВМРО и Алијанса, да видиме кој е нивниот концепт за развој на понатамошните процеси, за тоа како го гледаат тие, а како ние на процесот за излез од кризата. Ако имаме заеднички точки, ако се усогласуваме, мислам дека ќе продолжиме да бидеме конзистентни во тоа што сме биле досега како конструктивна опозиција…Но, доколку не може да се договориме, дури тогаш може да видиме што се очекува од нас...”, рече Гаши.

Случувањата во четвртокот ја оставија политичката ситуација во земјава во неизвесност. Никој го нема потребното мнозинство во Собранието, ВМРО ДПМНЕ и коалицијата бројат 60 пратеници, а власта остана на 59, состојба која спречува секакво политичко дејствување во иднина. 120-тиот пратеник Кастриот Реџепи, се очекува во понеделник да ја заземе својата страна.