Македонија
8. November 2021 - 14:00

Љупчо Папазов ја презеде функцијата градоначалник на Кочани

Новоизбраниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов денеска го доби уверението од Општинската изборна комисија и ја презеде функцијата. Притоа најави дека приоритет во наредниот четиригодишен мандат ќе биде реализацијата на повеќе инфраструктурни проекти, а меѓу главните е водоснабдувањето.

-Еден од суштинските проекти за кој ќе посветам посебно внимание е реконструкцијата на главниот потисен цевковод и решавањето на проблемите со загубите на вода за пиење, како и на подобрување на квалитетот на водоснабдување во општината. Мислам дека можеме брзо да влеземе во негова реализација, а оние проекти што се веќе почнати и навлезени во длабока фаза ќе ги довршиме до крај. За другите проекти ќе ја скенираме состојбата за да ги разгледаме приоритетите и да продолжиме да работиме, истакна градоначалникот Папазов.

На примопредавањето на мандатот, неговиот претходник Николчо Илијев му честиташе на победата на локалните избори и му посака успешна работа во наредниот период.

– Одлука на новата локална власт ќе биде дали проектите што ги оставаме и кои од нив ќе продолжи да ги реализира или нешто ќе менува, што е сосема легитимно. Општинската буџетска сметка е ликвидна, за поголем дел од проектите се обезбедени средства од основниот буџет, дел се од странски донации, така што воопшто нема проблем доколку се одлучи да се продоложи со нивна реализација, како што се реконструкцијата на градскиот парк и изградбата на булеварот „Тодосија Паунов“, истакна Илијев.

Општинската изборна комисија денеска им ги додели уверенијата и на новоизбраните 19 членови на Советот на Општина Кочани