Македонија
21. October 2021 - 13:48

Шекеринска: Нема карт бланш за владата на Талибанците

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска овие два дена учествува на првиот физички министерски состанок на НАТО Алијансата, а една од главните теми е Авганистан, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во изјава за МИА, Шекеринска објасни дека министрите за одбрана на Алијансата ќе разговараат денеска за иднината на Авганистан, но и за лекциите што треба да се извлечат од оваа дводецениска мисија откако американските сили напуштија, а Талибанците се вратија на власт.

На прашање дали смета дека НАТО членките треба да ги прифатат Талибанците како легитимен соговорник, Шекеринска вели дека на нив останува да се докажат.

-Ова се теми коишто следниот период ќе се отворат. Практично сегашната власт на Авганистан самата ќе треба да покаже за што се залага, како планира да владее со земјата и во зависност од нивниот ангажман, во зависност од нивните дејствија ќе биде и одговорот на меѓународната заедница. Карт бланш нема да добијат, изјави министерката за одбрана.

За Шекеринска Алијансата се покажа успешна во справување со причината поради којашто влезе во Авганистан: спречување на ризиците од терористички напади во земјите членки.

-Навистина во тој период таа контратерористичка активност успеа и донесе резултати. Прашање е дали соодветно формулиравме следните цели во Авганистан, дали тие беа реалистични, дали е можно тие да се постигнат само со воени или претежно воени мерки. Дополнително мислам дека е важно да се зборува и за одлуката за заминување но и за фактот дека во изминатиов период НАТО успеа да евакуира повеќе од 130 илјади граѓани на Авганистан коишто помогнаа на Алијансата и беа од помош, коишто учествуваа овие 20 години како поддршка на нашите вооружени сили, вели министерката и истакнува дека за краток временски период безбедно се дислоцирани 130 илјади Авганистанци во некои од земјите членки на НАТО.

Таа додава дека сега во тек е процесот на решавање на статусот на овие луѓе, процес во кој учествува и Македонија.

-Република Македонија и во тие моменти покажа дека е сојузник на кој НАТО може да се потпре. И денеска имаме одреден број на авганистански граѓани коишто се сместени кај нас како некаков вид на транзит кон некои од другите земји членки коишто им понудија целосен пакет. Понудивме и обезбедивме медицинска поддршка и на дел од оние коишто се сместени и во Косово, сѐ со цел да бидеме од помош на луѓето коишто им помагаа и на нашите војници и офицери, рече Шекеринска.

Новост е и дека Македонија од идното лето ќе се приклучи на мисијата „Зајакнато напредно присуство“ која е стационирана во балтичките земји на граница со Русија.

-Тоа е една од мисиите којашто ја спроведува НАТО, присуство во позначителен број на воени капацитети коишто се распределени во областа на балтичките држави. Ние сметавме дека е тоа добра шанса и за нашите вооружени сили да покажат дека придонесуваат, но е, верувајте, одлична шанса и за нив да вежбаат и развиваат капацитетот за интероперабилност со земјите членки на НАТО. Така што очекуваме ние учеството да се реализира од јуни месец 2022 година како дел од словенечкиот контингент, а под контингентот на Канада, објаснува министерката за одбрана.

Ова, за власта во Македонија се смета за шанса за поголема соработка и со Канада која раководи со тој дел од оваа мисија, како и со Словенија и со Летонија каде се стационирани силите, но и со Црна Гора која е исто така дел.

-Ќе обезбедиме ротации на различни единици коишто ќе се менуваат и тоа ќе значи дека во еден период ние ќе нудиме еден капацитет, Црногорците ќе го надополнуваат, а Словенците ќе бидат тие коишто ја координираат оваа трилатерална соработка.  Добро е и за нашите билатерални односи со сите овие земји а добро е и за нас како нов сојузник да го ставиме македонското знаме на повеќе локации. Оваа мисија на Алијансата е една од операциите “коишто ја дефинираат позицијата на НАТО, дека е подготвена да биде присутна во сите сојузници особено на нејзините источни граници, изјави Шекеринска.

Министрите за одбрана на НАТО ќе посветат сесија и на глобалните геополитички предизвици.

-Поставување на НАТО со својата политика за одвраќање, што подразбира поголема кохезија, поголемо присуство на НАТО и соодветни политики коишто треба да ги формулираме во пресрет на мадридскиот самит којшто ќе се одржи следната година. Практично ова е работата со којашто започнавме по последниот самит и во насока на документот НАТО2030. Сите теми коишто тогаш беа актуелни сега се уште поактуелни, порача министерката Шекеринска