Македонија
7. October 2021 - 16:46

Извинувања и осуди за нападот врз Бислимоски

По два дена молк, ДУИ денеска со осуда за нападот на Џафери врз претседателот на РКЕ Бислимоски. Министерот за економија Бектеши кој е висок функционер во партијата смета дека вакви настани не смее да се случуваат.

Од РКЕ пак велат дека Бектеши се слушнал со Бислимоски, но оти никој не му се извинил.

И премиерот Заев го осуди инцидентот. Посочи дека нападот врз Бислимоски е директен напад врз работата на едно независно тело.

Аријанит Џафери вчера го призна делото и против него ќе биде поднесена кривична пријава. Нападот врз Бислимоски во скопско Дебар Маало, се случува по отворањето на постапката за одземање на лиценца за работа на фирмата на Џафери, „У Повер“, поради недолично однесување на пазарот со струја. Фирмата недостатоците ги надоместувала од резервите на МЕПСО кои се користат во специјални случаи и со тоа го довела во опасност целиот енергетски систем.

Компанијата „У Повер“,  веќе неколку години активно работи со електрична енергија. Јавните податоци на Бирото за јавни набавки покажуваат дека на компанијата добро и одел бизнисот со продажба на електрична енергија, на општини и државни институции, особено минатата година кога склучила договори во вредност од околу 3, 3 милиони евра. И годинава приходите од снабдување со струја се солидни од околу 2, 4 милиони евра. 2018 била најскромна година кога биле склучени само три договори во вредост од 450 илјади евра.