Македонија
7. October 2021 - 16:43

Полицијата да ги открие продавачите на скрипти и учебници за четврто одделение, повикува Царовска

МВР треба да истражи кој и зошто продава учебници за 4 одделение од реформираната програма. Царовска веќе побарала од полицијата да постапи и апелира секој што ќе наиде на незаконска продажба на овие учебници да пријави. Министерката вели инспекторите се постојано на терен но до сега не затекнале фотокопирани или други учебници набавени од книжарница.

– Бирото за развој на образованието нема издадено одобрение на никого за печатење примероци. Ако ми посочите каде се наоѓаат, тогаш јас тоа директно би го пријавила во Министерството за внатрешни работи како што направив и во претходни случаи кога имав сознанија дека такво нешто се случило и каде што имаше постапување, вели Царовска.

Царовска тврди дека учебниците се бесплатни и тие имаат испечатено 20 отсто од вкупниот потребен тираж за оние ученици кои немаат услови да следат дигитална настава. Задоволна е како се одвива реформата и потенцира дека сите училишта ги прифатиле промените и ги користат новите алатки за работа. Апелира до родителите да ги поддржат децата во користењето на дигиталните учебници.

– Секој родител кој се обидува на ученикот да му наметне печатен учебник прави штета, не му прави добро, затоа што користење дигитални улчебници е свесно поставено така за да добиеме и подобра дигитална псименост, но и да им посочиме на учениците дека користењето електронски уреди не се само за играње, туку се и места за учење и примање знаење, додава Царовска.

Инаку родителите остро се спротиставуваат за начинот на кој се одвива наставата и тврдат дека во сите одделенија се користат копирани или учебници кои сами ги купуваат, во голем број училиници нема смарт табли и не се користат таблет уредите. Пакет од 4 учебници за 4 одделение се продава во книжарниците за околу 1600 денари.