Македонија
20. July 2021 - 16:45

Муслиманите го слават Курбан Бајрам

Денеска муслиманите го слават Курбан Бајрам, еден од двата најголеми празници за муслиманите кој се слави 4 дена. Карактеристично за овој празник е принесувањето жртва – курбан, која има симболика на приближување кон Бога. На првиот ден од празникот се изведува бајрамската молитва, а потоа верниците се упатуваат кон нивните домови да го заколат нивниот курбан, кој потоа се дели. Од битолското муфтиство велат дека на 500 семејства ќе им подели курбанско месо.

-Приоритет е да му се даде од месото на пријателите, сиромасите и роднините, ни како верници освен што докажаваме искрена верба кон Алах покажуваме и хуманости и солидарност, изјави АМИТ РАСИМИ, БИТОЛСКИ МУФТИЈА.

Курбанот е обврска за секој верник кој исполнува одредени услови. Во денешно време тоа се практикува на два начина, вели битолскиот муфтија. 

- Оние кои имаат домашни услови да заколат курбан, бидејќи ситуацијата е таква, особено и со ковид треба да се биде внимателен.  Оние верници кои немаат вакви услови уплаќаат по 120 евра па потоа во кланиците се колат курбаните, вели муфтијата

Честитка по повод Курбан Бајрам испрати претседателот Стево Пендаровски кој истакна:

- Во време кога целото човештво сè уште се соочува со пандемијата со ковид-19 и со нејзините разорни последици, потребно е да ги надминеме сите несогласувања и недоразбирања и сплотени да работиме за доброто на секој наш граѓанин, вели Пендаровски

Премиерот Зоран Заев, во својата честитка рече дека празникот на жртвувањето ни посочува вредности кои се универзални, ни испраќа благородни пораки што повикуваат на почитување и негување на нашето општество еднакво за сите, на општество во кое културните, етничките и верските различности се богатство и непроценлива уникатна вредност. 

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски честитајќи го празникот Курбан Бајрам истакна дека е  празник на солидарноста и хуманоста кои се универзални вредности што обединуваат и поврзуваат. Македонија покажала и докажала низ вековите дека има традиција на взаемна толеранција, почит и разбирање, но најважно од се луѓето од различна вера или етничка припадност, да си бидат взаемна поткрепа и поддршка во премрежијата со кои сме се соочувале.

Празникот го честита и претседателот на Собранието, Талат Џафери кој во честитката напиша: Нека биде празникот на Курбан Бајрам, со сета симболика што ја носи во себе, само уште еден потсетник за сите нас, да го цениме животот, да се цениме и почитуваме меѓусебно, во секој миг, секој ден и на секое место.