Македонија
12. July 2021 - 19:41

Почна теренската вакцинација во Битола - Има ли интерес?

Теренската вакцинација утрово од 8 часот успешно започна и во битолскиот регион. Екипи на Здравствениот дом Битола денес и наредните денови ќе вршат вакцинација со Синовак во вкупно 103 места во трите општини, Битола, Новаци и Могила. Денеска се аплицирани вкупно 177 вакцини во 7 села.

-Ќе одиме во секое населено место, во главно се вакцинира во подрачните училишта. Доколку нема, ќе вакцинираме во месните заедници, а ако го нема ни едното ни другото ќе вакцинираме во амбулантното возило. Теренската вакцинација се одвива со двајца лекари, лице од Црвен крст и три медицински сестри кои ја аплицираат вакцината. Ако има потреба ќе се реорганизираме, но сметаме дека за почеток е добар овој вид вакцинација, вели Д-р Весна Спирковска, директор на Здравствен дом - Битола.

Од денеска во вакциналниот пункт во Битола започна и вакцинацијата без закажан термин, а оваа недела ќе работат само прва смена, од 8-14 часот. Лицата кои ќе се вакцинираат без закажан термин треба задолжително да имаат документ за лична идентификација.

-Подобро е и брзо оди. Имав закажано, нема дојдено, па затоа дојдов самоволно за да се вакцинирам, велат граѓаните. 

На првиот ден имаше голем интерес.

-Голем е интересот, до 10 имаме дадено над 400 вакцини, над 200 се примовакцина, останатите се ревакцинација со Фајзер и Астра Зенека, рече Д-р Марија Димовска, раководител на вакцинален пункт Битола.

Денеска во пунктот во Битола аплицирани се вкупно 756 вакцини од кои 425 се со прва доза, а останатите се ревакцини.

Инаку во регионалниот пункт во Битола, со прва доза се вакцинирани над 52.000 граѓани, од кои 42. 000 се од Општина Битола.