Пандемијата ги затвори младите дома
Стравот од пандемијата го намали интересот за патување на младите луѓе кои волонтираат, се дообучуваат или учествуваат на семинари најчесто во земјите од ЕУ. Иако има повици, младите се плашат да се пријават.
-Според нашите истражувања и гледишта гледаме дека младите за време на пандемијата и сеуште во транзицискиот период се додека немаме вакцини и се уште кога не сите држави се отворени за патувања, е многу мал бројот на млади луѓе кои заминале или пак сакаат да заминат. Многу млади се помалку и помалку се пријавуваат поради различни причини, како што е пандемијата, како што е вакцинирањето, нема вакцини се уште за лицата од 20 до 30 години во нашата држава. Друга причина е тоа што родителите не ги пуштаат да патуваат се уште бидејќи се плашат, рече Милчо Дули, Сфера Интернационал.
Откако малку се смири состојбата со пандемијата, се појавил мал интерес.
-Но сепак ако направиме споредба со 2019, тоа е се уште многу мала промена затоа што во 2020 имаме пад од 70% од младите кои што не се заинтересирани да одат, т.е ние пуштаме повици, бараме луѓе кои што се заинтересирани за тие обуки и волонтирања, но не можеме да ги најдеме, односно не се заинтересирани. Не разговараме само за Битола туку за цела држава, истите проблеми ги имаме со таа популација, вели Дули.
Очекуваат дека овој проблем ќе се надмине со намалувањето на бројот на новозаразени лица, а и ЕУ се повеќе ги отвора границите.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
