Македонија
16. јуни 2021 - 12:29

Јавните институциите се отвораат за волонтирање

Работна група составена од претставници на државните органи и граѓански организации изминатите неколку месеци интензивно работеше на подготовка на предлозите за измена и дополнување на Законот за волонтерство и нацртот на новата стратегија за развој на волонтерство  2021-2025. Понудени се нови законски решенија кои ќе значат понатамошен развој и промоција на волонтирањето. Една од новините е што јавните институции повторно ќе се отворат за волонтерите.

-Она што е ново е што се овозможува пак волонтирање во јавниот сектор, што беше оневозможено во законот за трансформација во редовен работен однос. Јавните институции пак ќе се отворат за волонтерите преку регулирано волонтирање. Она што е битно, во законот се допрецизира како волонтирањето да го разликуваме од другите неплатени работи, нешто што досега правеше забуни, изјави Златко Талевски, МКЦ Битола.

Интересот за волонтирање е добар, но има простор за подобрување, вели Талевски.

-Не постои сеопфатно истражување со конкретни проценти, но околу 20% од младите се ангажирани волонтерски. Во текот на пандемијата уште повеќе се нагласи потребата од волонтерите, тие беа први кои се приклучија кон акции. Преку овие решение очекуваме тој процент да биде уште поголем, вели Талевски.

Законот со новите измени е поставен на ЕНЕР и е на јавна расправа до 22 јуни по што ќе биде доставен на разгледување и усвојување во Собранието.