Бизнис
4. January 2016 - 14:36

Прво намалување годинава: Од вторник поевтини горива во Македонија

Американската лесна нафта на берзата во Њујорк поскапи на 38,82 долари за еден барел  по прекинот на дипломатските односи меѓу Ријад и Техеран.

Европската северноморска нафта од типот „брент“ на берзата во Лондон остана на нивото од 38,5 долари за еден барел. 

Експертите сметаат дека растот на тензиите меѓу Саудиска Арабија и Техеран може да доведе до раст на цените на најбараниот енергенс.

За Македонија и малопродажните цени во земјата важната е цената на северноморската нафта од типот „брент“ а таа се уште е поевтина од официјалната цена по која Регулаторната комисија за енергетика објави дека била набавена во периодот пред две недели. Тогаш, според регулаторот, просечната цена на нафтата била 40,7 долари за еден барел, што значи дека денешната цена е за 2,2 долари по барел пониска.

Во такви услови, доколку нема некои посериозни поместувања на цените на нафтата и курсот на денарот во однос на доларот може да се очекува ново поевтинување во наредната корекција на цените која треба да се случи идниот понеделник на 11 јануари. Нема да биде изненадување доколку дизелот поевтини за околу 2 денари по литар, а цената на бензинот стане пониска меѓу половина и еден денар.

Минатиот понеделник регулаторот ја спушти цената на бензините за еден денар по литар што беше вистинско изненадување, особено ако се има предвид значителното поевтинување на нафтата на светските берзи. Во моментов на бензинските пумпи низ Македонија литар ЕУРОСУПЕР од 95 октани се точи за 61,5 денари по литар а 98 октанскиот бензин чини 63,5 денари за еден литар.

Корисниците на дизел гориво направија значителна заштеда откако нафтата поевтини за 3 денари по литар во малопродажна и сега ЕУРОДИЗЕЛ-от се продава по 43,5 денари за еден литар.