Србија воведува петдневен локдаун
Србија воведува петдневен локдаун поради влошената состојба со Ковид-19. Новите мерки предвидуваат затворање на сите приватни објекти и бизниси, освен на прехрамбените продавници, аптеките и бензинските пумпи без да биде воведен полициски час. Ќе работи само она што е неопходно за колку - толку нормален живот. Ова е компромисно решение, мерките се остри, но ќе траат само 5 дена иако Кризниот штаб побара да траат две недели. Дали мерките ќе бидат продолжени и после понеделник зависи од сите нас, изјави спрската премиерка Брнабиќ додавајќи дека овие мерки имаат за цел да му помогнат здравствениот систем. Во Србија изминатиов период имаше просек од по 4000 заболени на дневна основа иако досега околу 800.000 граѓани примиле две дози од вакцината.
Француското Министерство за здравство соопшти дека во регионот Бретања е откриена нова варијанта на коронавирусот. Првичната анализа не покажала дека оваа варијанта предизвикува потешка форма на Ковид-19 или пак дека полесно се пренесува од другите варијанти. Новиот сој е откриен меѓу кластерот случаи во болница во Лањон.
СЗО ќе ја разгледува состојбата со АстраЗенека вакцината којашто беше привремено суспендирана од голем број од членките на ЕУ, откако неколку земји пријавија сериозни здравствени проблеми и смртни случаи кај некои пациенти што ја примиле.
Наспроти случувањата со вакцината на АстраЗенека се зголемува бројот на европски земји кои склучуваат договори за производство на руската вакцина Спутник. Последни кои го направија тоа се Франција, Германија и Шпанија. Претходно рускиот производител потпиша договор со италијанско - швајцарската фармацевтска компанија „Адиен“ за производство во Италија. Рускиот фонд за директни инвестиции кој го финансираше откривањето на оваа вакцина вчера објави дека се постигнати договори со компании од овие 4 земји. Новите договори ќе овозможат снабдување на пазарот на ЕУ веднаш штом вакцината ќе биде одобрена од Европската агенција за лекови. Руските власти претходно соопштија дека се подготвени да испорачаат 50 милиони дози на ЕУ почнувајќи од јуни.
-
Бранислав Јанески
Сите содржини од овој новинар
