Македонија
1. March 2021 - 10:47

Прекината свадба во струмичко со 300 гости и жива музика

Свадбата во селото Банско, која вчера ја прекина полицијата, била организирана на отворено, со настап на пеач и оркестар во живо, потврдуваат за МИА очевидци од селото и портпаролот на СВР Струмица, Александра Трајанова.

Очевидци велат дека просторот каде се организирала свадбата бил блокиран од двете страни со автомобили и неколку часови среде бел ден траела свадбената веселба. Откако полицијата интервенирала свадбарите се разбегале.

Според соопштението од СВР Струмица, Д.И.(57) и А.И.(54) ја организирале свадбената веселба на нивниот син Е.И.(26), на која присуствувале околу 300 гости.

-По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена кривична пријава по член 206 од Кривичниот законик „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, информира портпаролот Трајанова.

За настанот бил известен и обвинител од ОЈО Струмица.

Инаку, пред два дена полицијата во дом на струмичанец прекина забава на која учестувале 11 лица.