Бизнис
19. February 2021 - 16:37

Почна реконструкцијата на кејот во Центар

Започна реконструкцијата на Кејот крај Градскиот трговски центар. Според планот, кејот на потегот од централниот плоштад до улицата Стив Наумов повторно ќе стане функционална пешачка зона, наместо да служи како улица и паркинг простор. До крајот на месецов угостителите треба да ги демонтираат летните тераси. И покрај тоа, тие се задоволни бидејќи ќе добијат проширување на зимските тераси и унифициран изглед.

Проектот за реконструкција е вреден без малку 1,5 милиони евра, а парите се обезбедени од градската каса. Но, ограничен број возила и натаму ќе имаат пристап преку шеталиштето во строго определени интервали во текот на денот.

Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје обвинуваат дека организацијата на настанот веројатно е поскапа од самиот проект.

“Заев и Шилегов најавуваат промена на плочки на кеј, како да почнале да градат автопат. Никаде ниту на повидок не е тунелот под Кале, или мостовите и булеварите кои ги ветуваше Шилегов. Четири години поминаа, а Скопје не се сеќава на ниту еден проект на Шилегов, само на стоте илјади евра потрошени за новогодишна забава”, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, реконструкцијата на кејот би требало да заврши за четири месеци, пред почетокот на летната сезона.