Денот на турската настава одбележан во Скопје
Да го негуваме јазикот за да ја зачуваме иднината, бидејќи ако не постои јазикот, не може да постои ниту нацијата. Ова е пораката што ја упати претседателот на Собранието на Турција, Мустафа Шентоп, при официјалната посета на земјава по повод Денот на турската настава во Македонија. Според него, Македонија со своето мултикултурно и мултиетничко богатство претставува пример за регионот, но и целиот свет, за живеење во мир и добрососедство.
“Јазикот е нашиот дом и не е добро да останеме без нашиот дом. Со Северна Македонија имаме одлични односи и е држава што има особено значење за нас на Балканот. Нашата културна блискост има исклучително место помеѓу овие безброј прилики за проширување на односите, како што е ова чествување. Треба да го зачуваме нашиот јазик бидејќи така ќе ја чуваме нашата историја и нашата иднина. Оној што ќе го заборави својот јазик, ќе се заборави себе си и ќе го загуби засекогаш својот дом”, изјави Мустафа Шентоп, претседател на Собранието на Турција.
Спикерот на македонското Собрание честитајќи го Денот на турската настава потенцираше дека Турција е долгогодишен и искрен пријател на нашата држава.
“Под поимот пријател мислам и во добро и во зло. Подадената рака на турскиот народ секогаш ги допира нашите срца. Тоа го прави и во ова тешко време на глобална пандемија кога човештвото е исправено пред глобалниот здравствен и економски ризик”, изјави Талат Џафери, претседател на Собранието на Македонија.
Честитки за Денот на турската настава го честиташе и премиерот Заев, според кого двете држави традиционално се поддржуваат и постојано ги подобруваат меѓусебните односи.
На денешен ден во 1944 година во Македонија се воспоставило образование на турски јазик и оттогаш претставува национален празник на Турците во земјава.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
