Измените на Законот за заштита од заразни болести утре на собраниска седница
Измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести ќе се најдат на 19. собраниска седница закажана за утре, додека за ребалансот на Буџетот најверојатно ќе биде закажана нова седница на 29 октомври, бидејќи тој се уште не е вратен од Владата. Неделната динамика на работата на Собранието е утврдена на денешниот редовен понеделнички состанок на координаторите на пратеничките групи со претседателот на Парламентот Талат Џафери.
Освен измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, на дневен ред на утрешната седница се очекува да биде и Законот за спречување и заштита од дискриминација. Доколку денеска собраниската Комисија за финансирање и буџет на седницата закажана за 15 часот донесе предлог-одлука за одржување на надзорна расправа за случувањата со Еуростандард банка, и оваа точка би можело да најде на дневен ред на утрешната седница, како и неколку други.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го повторуваат ставот дека ќе присуствуваат на седницата, но оти ќе гласаат воздржани за измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести. Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Игор Дурловски, кој најави оставка на функцијата, се уште не ја доставил во Собранието, но се очекува тоа да го стори денеска. На неговото пратеничко место, според информации од пратеничката група ќе биде Мирче Аџиоски од Струга.
Пратеничката група на СДСМ на утрешната седница, според најавите, ќе биде комплетна бидејќи се очекува во Скопје да дојде и Лазе Танески, кој беше во изолација од Ковид -19.
Нема информации дали и пратеникот на ДУИ кој исто така имаше коронавирус ќе биде на седницата, но од Собранието посочуваат дека и да не дојдат на седница, нема да има проблем за одлучување.
Во Собранието е стасан и предлогот на Судскиот совет, Добрила Кацарска да биде нов уставен судија. Доколку Комисијата за прашања изборите и именувањата одржи седница пред одржувањето на пленарката закажана за утре за 11:00 часот, од Собранието велат дека и нејзиниот избор, но и некои други би можеле да се најдат пред пратениците.
Засега, официјално на собраниската веб-страна за утрешната 19. седница на предложениот дневен ред се измените и дополнувањата на Законот за инспекцијата на труд, на Законот за инвалидски организации, и двата по скратена постапка, како и измените на Законот за жичари и ски-лифтови и измените и дополнувањата на Законот за интероперабилност во железничкиот систем, во прво читање.
Ново на Сител
-

Станков: Кај 33 жртви од „Пулс“ пронајден цијанид – но не е причина за смртта
-

Чупиќ: Во оваа сала е многу тешко да се игра, сите не почитуваат
-

Работник тешко повреден од струен удар во Куманово
-

Кривична за четири малолетнички за ученичкото насилството Ѓорче Петров, пријави ќе добијат и нивните родители
-

Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков пуштен на условен отпуст
-

Одбележани 123 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев
-

Мицкоски: Mакедонија има прекрасни места за летување aко ЕЕС-системот претставува проблем
-

ЦУК: Ставен под контрола пожарот во Шуто Оризари, гореше машина за мелење железо
