Спасовски го честита државниот празник 24 мај, „Св. Кирил и Методиј“ – Ден на сесловенските просветители

Во име на Владата на Република Македонија, претседателот на Владата на Република Македонија Оливер Спасовски, им го честита на сите граѓани државниот празник 24 мај, „Св. Кирил и Методиј“ – Ден на сесловенските просветители.
Со денешниот празник, Денот на сесловенските просветители, потенцира Спасовски, одбележуваме еден исклучително значаен цивилизациски процес за Македонија, Европа и светот, остварен преку нивните мисии меѓу словенските народи во деветтиот век.
– Темелот на овој процес е создавањето на првата азбука – глаголицата, од која подоцна нивните следбеници, пред сѐ, Свети Климент Охридски, ќе ја создаде кирилицата како основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо. Светите браќа овозможија Библијата да биде достапна за сите Словени и старословенскиот јазик да се воведе во црковните служби. Истовремено, тие и нивните ученици, ќе започнат и далеку поширока културна активност преку описменување на населението, превод на книги и формирање на книжевни школи, од кои подоцна ќе произлезе и Светиклиментовата охридска школа, вели во честитката премиерот Спасовски.
Епохалното дело на Светите Кирил и Методиј, подвлекува, на различните словенски народи им овозможи самоуверено да зачекорат на светската цивилизациска сцена.
Во тој дух, стои во честитката, ние денеска можеме да кажеме дека оддаваме почит на делото на Светите браќа, заедно со сите останати словенски и други народи, кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство, и ги слават со достоинство и чест.
Затоа и Папата Јован Павле Втори во својата енциклика, послание, од 31 декември 1980 година, ги прогласи Светите браќа за заштитници на Европа.
– Во време кога се соочуваме со пандемијата предизвикана од КОВИД-19, и кај нас и во светот се наметнува неопходност за една нова нормалност со поинаков начин на функционирање, вклучително и во образованието. А токму наследството кое ни го оставија Светите браќа Кирил и Методиј не потсетува и обврзува на потребата од визионерство во организирањето на образовниот процес преку употребата на алатки што ги нуди современата технологија. Светите браќа како покровители на просветните работници се инспирација и за нивната работа, како и за работата на образовните институции во нови услови, за да се оствари едукативниот процес за секој ученик и во оваа вонредна состојба и во оваа прилика упатувам честитки до сите вклучени во овој процес. Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј!, истакнува во честитката премиерот Спасовски.
Ново на Сител
-

Макрон ги критикува потезите на Трамп: Не смее да има никакви отстапки пред руските закани
-

Мерц: Русија сериозно ќе преговара за мир само под притисок
-

Зеленски: По нападите врз центрите за податоци на „Јандекс“, има помалку ботови и омраза на социјалните мрежи
-

Хрватска набавува јужнокорејски ракети со дострел до 500 километри, потврди Пленковиќ
-

МП за случајот со Михајлова: Националната припадност и државјанството не смеат да бидат основа за привилегиран третман
-

Ивановиќ: Црна Гора денеска ќе затвори три преговарачки поглавја со ЕУ
-

Ѓорѓиевски: Во Скопје в среда продолжува најголемата еко-акција досега
-

ЈОРСМ: Лани во октомври на Михајлова ѝ се одземени два пасоша и не ѝ беа вратени поради ризик од бегство
