46 новозаразени од коронавирус, почина притвореник од Шутка позитивен на коронавирус
Во Истражниот затвор во Шутка вчера починал притвореник, а посмртно му бил потврден коронавирус, информираше попладнево министерот за здравство. Починатиот пред 1 месец бил спроведен во Установата поради измама. Немал симтоми на Ковид-19, се жалел на болки во градите, а починал од срцев удар. За време на обдукцијата на Судска медицина му бил земен брис кој покажал присуство на вирусот. Епидемиолозите испитуваат како се заразил притвореникот.
-Во моментов се прават епидемиолошки анкети на сите кои биле во близок контакт со него, по што ќе се преземат соодветни мерки, рече д-р Венко Филипче, министер за здравство.
Со притвореникот бројот на починати од Ковид – 19 во Македонија достигна 31 лице. Иако некои европски држави најавија поделба на статистиката кај починати од хронични заболувања и лица кај кои директна причина за смрт е вирусот, Филипче уверува дека во земјава сите биле позитивни на Ковид-19.
Во меѓувреме вирусот е потврден кај 46 лица. Прв случај е регистриран во Пробиштип, а најголем број од новозаболените се од Куманово 13, а 12 се од Скопје. Вкупната бројка на заразени се искачи на 663 лица. 27 се со потешка клиничка слика, а дванаесет пациенти се во критична состојба и се приклучени на апарати за дишење. Досега Ковид 19 е потврден во 19 градови во земјава.
На Клиниката за инфективни се хоспитализирани мајка со 4 месечно бебе од Кочани.
- На Клиниката е примена мајка и четиримесечно бебе од Кочани кои во моментот имаат стабилна клиничка слика, секојдневно се пратат од страна на педијатар со некоја сосема лесна форма на анемија и исип. Бебето е во стабилна здравствена состојба и без потреба од респираторна поддршка, истакна Филипче.
Филипче информираше дека во министерството за здравство денеска била отворена постапката за набавка на респиратори и дополнителни 3000 реагенси.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар