Позитивен мини-извештај на ЕК за Македонија, се препорачува старт на преговорите
Европската Комисија, останува на препораката до Европскиот Совет да одобри почеток на преговорите за членство на Македонија во Унијата, пред загребскиот самит ЕУ-Западен Балкан во мај.
Во краткиот извештај објавен денеска, Комисијата нотира напредок во реформите во Македонија и во Албанија.
,,Двете земји продолжија да испорачуваат натамошни опипливи и одржливи резултати во клучните области идентификувани од Советот, посебно во областите на судството и владеењето на правото и поради тоа препораките на Комисијата за отворање на преговорите со Албанија и со Северна Македонија остануваат валидни‘‘, изјави портпаролот на ЕК, Ана Писонеро.
Рапортот се фокусира главно на реформите во судството, обвинителството, самите судски процеси за висока корупција, како и реформите во разузнавачките и безбедносните служби, и јавната администрација.
Во сите овие поглавја е оценето дека земјава остварила значаен напредок.
Меѓу успесите се набројани разрешувањето на шестмина судии, вклучително претседателот на Врховниот суд, и префрлањето на предметите од СЈО во редовното Јавно обвинителство. Нотиран е и успехот со двотретинското изгласување на Законот за ЈО.
Комисијата бара да се продолжил со проактивни истраги и пресуди за висока корупција. При тоа се забележува дека поради скандалот со Рекет и СЈО, одредени предмети застарија.
Антикорупциската комисија работи проактивно без разлика на политичката припадност, иако не сите предмети од ова тело се проследени, главно поради процедурални проблеми помеѓу институциите, се оценува во извештајот.
Во делот на јавната администрација, напредокот продолжува, а Комисија потсетува дека од суштинска важност да се обезбеди професионалноста и независноста на јавната администрација.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој е единствената кочница за одредување датум за преговори, неодамна изјави дека ако Европската комисија во извештајот потврди напредок на реформите во Македонија, тогаш тој ќе поддржи отворање на преговорите за членство.
-
Валентин Николоски
Сите содржини од овој новинар