Македонија
7. February 2020 - 17:56

Жбогар: Новата методологија е „вин - вин“

Новата методологија е вин-вин ситуација и за Европската Унија и за Западниот Балкан, оцени евроамбасадорот Самуел Жбогар на денешниот брифинг.

За Брисел е важно што препознава дека проширувањето е стратешка инвестиција, за унијата да биде стабилна и обединета, а за регионот реафирмирање на фактот за полноправно членство како крајна цел на процесот.

,,Целта на документот е да го засили, да го обнови пристапниот процес, кој во последно можеме да речеме дека загуби одредена енергија и кај двете страни. Целта е да се возобнови взаемната доверба помеѓу земјите членки и земјите кандидати, која исто така беше изгубена во изминатите години. Целта е за двете страни да се придвижат од помалку за помалку, кон повеќе за повеќе. Тоа значи да се внесе повеќе чесност и искреност и кај двете страни во тоа заедничко вложување‘‘, изјави Жбогар.

Жбогар појасни дека во рамките на новата методологија ќе може да се отвораат паралелно повеќе кластери, во зависност од подготвеноста и исполнувањето на одредниците зададени од експертите на земјите членки и извештаите на Европската комисија. Колку побрзо ќе се спроведуваат реформите, толку побрзо ќе се одвива процесот и достапноста до дополнителните фондови на ЕУ.

Тој е оптимист дека земјава може да добие датум за почеток на преговорите на Самитот во март, по што ќе следи Самитот ЕУ Западен Балкан во мај во Загреб, каде се очекува конкретен пред се финансиски план за раст на земјите кандидати.

Во тој краток период евроамбасадорот порача да се продолжи со реформите, да се организираат фер и демократски избори и да се продолжи со добрососедските односи.

Посебно се осврна на Законот за јавно обвинителство, чија нацрт верзија ја оцени кадо добра. Жбогар ја повтори пораката од еврокомесарот Вархелји до сите лидери на партиите, дека законот не е услов, но предупреди дека кај повеќе членки тој е симбол за владеење на правото во земјава.

,,Европската комисија не го постави Законот за јавно обвинителство како услов. Но, тој е нешто што треба да се заврши, од неколку причини. Првенствено за граѓаните, за да веруваат во правдата, дека нема да има неказнивост и дека ќе има одговорност за кривичните дела. Бидејќи е важно за повеќе земји членки, како демонстрирање на посветеност за владеењето на провото. На крај, исто така, бидејќи сакаме да покажете промена во начинот на размислување, од тоа што е минимумот потребен да се направи за отворање на преговори, кон тоа како да ги искористиме максимално преговорите за промена на нашата држава за младите луѓе да не си заминат‘‘, изјави Жбогар.

Кон крајот на февруари се очекува Европската комисија ќе го објави скратениот извештај за Македонија и Албанија, кој ќе биде фокусиран на првиот кластер, односно фундаменталните права, владеењето на правото, правосудството и сличните области.