Македонија
24. January 2020 - 19:14

Цементарница УСЈЕ тврди дека не согорува опасен отпад

Цементарница Усје не согорува штетен отпад, но користи алтернативно гориво добиено од преработка на комунален отпад, тврдат од компанијата откако во изминатиот период граѓански организации упатија низа обвинувања кон фабриката.

Лани увезле 4.400 тони отпад, за кој велат дека бил строго контролиран од повеќе страни. Од компанијата објаснуваат дека отпадот пред да дојде во Македонија, прво мора да биде испитан кај производителот, потоа кај македонските Царина и Министерството за животна средина, а потоа контрола врши и Цементарница.

- Кога ќе стигне алтернативното гориво основните параметри се прават во нашата лабораторија. Се прават веднаш. Се земаат примероци од секој камион, има начини за тоа, има стандарди како се зема примерок. Се зема примерок кој што се праќа во акредитирана лабораторија. Ние мораме да направиме споредба. Бидејќи го плаќаме тоа гориво, мораме да знаеме дали она што ни го декларираат дека ни го даваат е навистина тоа што го добиваме.

Заменик-министерот за животна средина вели дека сите проверки се прават во акредитирана лабораторија во Холандија која не би го ризикувала својот кредибилитет поради една фабрика во Македонија.

Во однос на евентуална забрана за увоз на отпад, вели дека Македонија е дел од систем на пренесување на отпадот и доколку забраниме увоз, и другите држави ќе забранат отпадот од тука да се извезе кај нив.

- Дали е добро 15 тони опасен отпад од ОХИС да излезат од Скопје во една западноевропска земја? Претпоставувам сите ќе се сложите. Замислите сите да речат „забрануваме од Македонија ништо не примаме“. А ние извезуваме драстично повеќе отколку што увезуваме за обработка отпад, а не за чување, вели Макрадули.

Поради потребата од дополнителни консултации, измените во Законот за увоз на отпад се стопирани. Следната недела ќе се знае дали ќе се донесат или не.