2020 година на големи надежи за поместување на евроинтегративниот процес
Законот за јавно обвинителство може да биде клучен за добивањето датум за преговори со Европската Унија. Холандија е земјата која често ја спомнува неопходноста од овој закон, а се повеќе се приклучува и Франција. Од МНР брифираат дека октомвриското блокада за датумот за преговори станала европски проблем. По усвојувањето на новата методологија за преговорите од страна на Европската комисија, како и наменските извештаи за Македонија и за Албанија до март, во наредниот период целиот фокус ќе биде ставен на евронтеграциите.
,,Во следниве неколку месеци фокусот на ова министерство ќе биде ЕУ, ќе продолжиме да правиме да е што потешко да нема одлука и да не се каже не. Ќе ни помогне многу доколку политичките сили што имаат пратеници во Собранието најдат сили и визија во интерес на државата, во интерес на народот да се донесе законот за јавно обвинителство, што ќе ја зајакне многу нашата кандидатура‘‘, вели шефот на дипломатијата Никола Димитров
Надежите на МНР за поместување во евроинтегративниот процес, или конкретно добивање датум за почеток на преговори коинцидираат со месец март. Затоа што самито ЕУ-Западен Балкан, во мај во Загреб, ќе носи охрабрувања и препораки, но не и одлуки.
Шефот на дипломатијата, кој инсистира на кариерни решенија за амбасадори, е задоволен што партиите од владината коалиција овозможиле составот на последната група кои чекаат на заминување во ДКП-ата да има висок процент од речиси 90 проценти дипломати од кариера, а само 10 политички решенија.
,,Можеби јас сам да одлучував, можеби ќе имаше повеќе кариерни решенија, можеби немаше да има меѓутоа, во политичката реалност мислам дека морам да ја истакнам заслугата на политичките фактори‘‘, вели Димитров.
Сепак, дел од кандидатите кои имаат двојно државјанство ќе морат да се откажат од второто, согласно актуелниот закон. Останатите кои нема да обезбедат документ за неосудуваност или нема да добијат безбедносен сертификат исто така ќе отпаднат од првичната листа на договорени амбасадори. Не е затворено и прашањето за предлогот оџата Џемаил Чупи да биде амбасадор во важен центар како што е Кина. Не се исклучува можноста официјален Пекинг да не одобри агреман, што ќе ја стави земјава во нова незавидна состојба со светската сила, која е и членка на Советот за безбедност на Обединетите Нации.
-
Валентин Николоски
Сите содржини од овој новинар