Македонија
3. October 2019 - 10:59

Утврден Предлог-законот кој ќе овозможи одгледување медицински канабис, следи јавна расправа

Владата на вчерашната седница го утврди Предлог – законот со кој ќе се дозволи одгледување канабис за медицински цели. Законот чија цел е контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, како и спречување и сузбивање на нивна злоупотреба, ќе биде ставен на јавна расправа.

Според предложениот текст, канабис за медицински цели ќе може да одгледуваат само правни лица кои имаат одобрение од Министерството за здравство, добиено по претходна согласност од Владата. Владата ќе ја одобрува и секоја измена во сопственичката структура на правните лица.

Во текстот на Предлогот, како што информира владината прес-служба, се наведува дека компаниите кои ќе стекнат лиценца за производство на канабис во медицински цели, ќе бидат должни да уплатуваат 10 отсто од вкупниот износ без пресметан ДДВ на излезната фактура за продажба на производи, на соодветна сметка, кои се приход на Буџетот на Република Северна Македонија. За овие средства, како прилив во државниот Буџет, Владата на ќе донесува посебна програма за нивната намена и начинот на користење во која приоритет ќе имаат лековите за ретки болести и други приоритети во здравствената заштита.

Дел од овие средства ќе бидат наменети и за одржливо финансирање на Агенцијата за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производи од канабис за медицински и научни цели, како самостоен орган на државната управа со својство на правно лице, која се предвидува да биде основана согласно овој предлог-закон.