Македонија
16. јуни 2019 - 16:13

Во градежништвото најмалку се почитуваат мерките за заштита при работа

Мерките за заштита на градилиштата не се почитуваат доволно ниту од страна на работодавачите, ниту од страна на работниците. Токму непочитувањето на мерките за безбедност при работа е најчеста причина за повреда на работното место. Од независниот градежен синдикат апелираат на особена претпазливост од сите чинители, вклучително и инспекциските служби, од кои бараат да обрнат поголемо внимание на овој проблем.

“Не се почитуваат, категорички тврдам, и од страна на работодавачите и од страна на работниците. А, исто така, и инспекторатите не преземаат соодветни мерки за таа ситуација. Целосна промена во системот треба да се направи затоа што ова не е од сега, не е тазе, долго време се провлекува оваа проблематика”, вели Атанас Трајковски, претседател на Независен градежен синдикат НСГРИТГ.

Според податоците од Националниот совет за безбедност и здравје при работа, најчести повреди на работното место се регистрирани токму во градежништвото и рударството. Од Синдикатот посочуваат дека се случува фирмите да не постават доволно заштитни огради на градилиштето, но доста е чест примерот работниците да не ја носат соодветната заштитна опрема.

“Над 1,2 метри секоја ископина во земја е опасна зашто може да дојде до ронење на каналот и да ги затрупа работниците. Безбедноста е на прво место, после е сè друго. Сите отвори што се кон висината треба да бидат обезбедени со заштитни огради, заштитни мерки кои треба безрезервно да се почитуваат и инспекторатите да работат на тој случај”, вели Трајковски.

И од Министерството за труд апелираат за поголема свесност за употреба на заштитна опрема и практикување на мерките за безбедност. Освен поинтензивни инспекциски контроли на терен со цел поголема безбедност на работниците, најавуваат и интервенција во законската регулатива.