Бесплатни прегледи за млади спортски рекреативци

Од 1 август младите лица кои рекреативно практикуваат спортски активности ќе може да направат бесплатен преглед на Спортска медицина, информира на денешната прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.
Со оваа мерка на Министерството за здравство ќе бидат опфатени околу 25 илјади лица - аматери спортисти, на возраст од 14 до 29 години.
Станува збор за основен пакет кој ќе се врши во службите за спортска медицина во здравствените домови во Скопје, Битола, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга и Кавадарци, како и на Медицинскиот факултет во Скопје.
- Прегледот опфаќа ЕКГ, хематолошки и уринарен статус, основна крвна слика, мерења на масното ткиво, мускулната и коскената маса, рече Тодоров. Додаде дека спортските прегледи се со цел да се дадат препораки на лицата кои спортуваат во врска со исхраната, како и со начинот и интензитетот со кој треба да се одвива тренингот.
Со оваа мерка, како што посочи, треба да се подигне свеста особено кај младите за значењето на превентивните прегледи кои треба да се приоритет за секој поединец кој сака да се занимава со спортска активност.
Тодоров упати апел до сите млади лица без разлика дали редовно тренираат или рекреативно спортуваат да направат бесплатен преглед на спортска медицина, бидејќи, како што истакна, редовната физичка активност е многу важна за целокупниот физички развој на личноста и е многу значајна за подобрување на работата на срцето и белите дробови, за зајакнување на мускулната сила, како и спречување на појава на остеопороза.
- Генерално физичката активност влијае на подобрување на расположението и го намалува стресот, па затоа се применува како вид на терапија која може да влијае на болестите кои се препишуваат на модерниот начин на живот, истакна министерот.
Според статистичките податоци на Институтот за јавно здравје во Македонија 60,5 отсто од машката популација и 47,8 отсто од женската популација на возраст над 20 години имаат зголемена телесна тежина што, како што нагласи, во голема мерка се должи на нередовната физичка активност.
- Поаѓајки од примерот на земјите од Европа и светот каде рекреативниот спорт е многу присутен Македонија ги следи овие трендови со тенденција да напредува оваа активност и да се заштити здравјето на лицата кои практикуваат спортски активности, рече Тодоров.
Според податоците од „Мој термин“ во изминатите шест месеци биле извршени вкупно 8.199 прегледи на спортска медицина со упат, а половина од нив, односно 3.911 биле лица на возраст од 14 до 29 години. - Во најголем дел станува збор за лица кои професионално тренираат или тренираат во некои од спортските клубови во државава, рече тој.
Тодоров истакна дека со отворањето на спортските сали во изминатиот период се зголеми интересот за рекреативните спортски активности и дека очекува оваа мерка на Министерството да им овозможи на младите спортски рекреативци да го заштитат своето здравје.
Ново на Сител
-

Кривична за полицаец, возел со активна забрана за управување, двојно побрзо од дозволеното и пијан
-

Пет пријавени случаи за семејно насилство во последното деноноќие, уапсено едно лице
-

Опожарени пет возила под скопското Кале покрај Вардар, едно лице повредено
-

Трамп тврди дека САД му забраниле на Израел да го напаѓа Либан
-

Арагчи: Ормуска Теснина е целосно отворена за комерцијален сообраќај
-

Делегација на Собранието учествува на 152. Собрание на Интерпарламентарната унија во Истанбул
-

Започнува реставрацијата на црквата „Св. Атанасиј Велики“ во Габрово, обезбедени средства и изработени проекти
-

Министерот Азир Алиу во Дебар го означи почетокот на пилот-проектот за телемедицина во областа на дерматовенерологијата
