Македонија
24. February 2019 - 16:29

Во Кратово одбележан празникот на патронот на градот Св. Ѓорѓи Кратовски

На достоинствен начин, како што прилега на ликот и делото на заштитникот на градот, кратовчани денес го прославија празникот св.Ѓорѓи Кратовски. Со свечената литургија во црквата началствуваше митрополитот кумановско-осоговски г.Јосиф. Во малата црквичка која го носи името на светецот, се собраа голем број верници од земјава, оддавајќи му почит на светецот и заштитник на златарите. 

Општината достоинствено го одбележа празникот, преку организирање спортски турнир во мал фудбал и пинг-понг, на кој учество зедоа екипи од неколку градови. На културен план, беа организирана ликовна изложба и промоција на книга, како и драмска претстава за деца.

Прославата продолжи на градскиот плоштад „Павел Шатев“, каде владиката Јосиф кршеше славски колач и освети вода за верниците. Животот на маченикот Св. Ѓорѓи траеше кратко, но споменот за него трае 503 година, а ќе продолжи да трае вечно, порачаа кратовци.