Македонија
29. January 2019 - 16:11

Полицаец се бори за живот по инцидентот во Шутка

Полициски службеник се бори за живот по синоќешната драма во Шуто Оризари. До инцидентот дошло откако малолетничка од населбата почнала да вика дека во комбе насилно било внесено женско лице. Според МВР, група на граѓани по ваквото тврдење се насобрале и нападнале возило во кое имало полицајци кои не биле на должност. Едниот од нив во тешка состојба завршил во ГОБ 8-ми септември.

- Примивме повреден во бесознание, му направивме интубација, снимање со КТ, има еден во мозокот и е на апарати за дишење. Штом е на апарати е во животозагрозувачка состојба, вели др. Јасмин Циривири раководител на хирургија во ГОБ 8-ми септември.

Повредени биле уште двајца полицајци, едниот со полесни повреди бил пуштен на домашно лекување а вториот е на Клиниката за неврохирургија со потрес на мозокот и повреди на лицето.

МВР се уште истражува како дошло до инцидентот, дали и кој киднапира деца во Шуто Оризари  и зошто се нападнати полицајците.

- Работиме на расчистување на случајот, повикуваме сведоци кои биле на настанот и по завршување на истрагата ќе излеземе со официјален став. Меѓутоа, да нагласам дека досега во МВР не е пријавено изчезнато лице, изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

И додека МВР ја бара причината за инцидентот, жители на Шутка уште синоќа за Сител изјавија дека до нападот дошло бидејќи мислеле оти полицајците се киднапери. Десетина дена живееле во страв поради ширењето гласини за грабнувачи на деца.

- Па страв ни е децата да ги пуштиме надвор, имаше информација што ја објави на фб една жена оттука дека некој киднапира деца, велат граѓани во Шуто Оризари

На смиреност и трпение кај жителите на Шуто оризари упати и градоначалникот Курто Дудуш преку својот фејсбук профил.