Отворени Научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“
Со пристигнувањето на преку 50 коњаници од цела Македонија на Гумење во Крушево, пеш од центарот на градот заедно со бројни делегации и граѓани и со читањето на Манифестот на Крушевската Република синоќа на Гумење во Крушево беа отворени Научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“.
На отворањето присуствуваше и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој ќе се обрати на денешното главно чествување на Мечкин Камен по повод 115-годишнината од Илинденското востание.
Градоначалникот на Крушево и претседател на манифестацијата Томе Христоски нагласи дека Крушево е симбол на заедништвото кое, како што рече, ни е толку потребно во овие историски моменти. Посочи дека од Крушево почна историското ослободување на Македонија, а од истото ова место, како што нагласи, тргнува походот кон просперитетна, безбедна и европска иднина.
- По 115 години од Илинденското востание ги живееме идеалите на Крушевскиот манифест, го создадовме и го одржуваме нашето мултиетничко општество, го славиме овој голем празник и живееме во духот на македонските револуционери и борци за слобода. Благодарение на Питу Гули, Карев, Гоце, Даме Груев и на другите нивни соборци денес ја имаме привилегијата да живееме во сопствена држава, да го градиме својот идентитет, да зборуваме на нашиот македонски јазик, да живееме едни покрај други - Албанци, Власи, Бошњаци, Турци, Срби, Роми, Македонци. Борбата во иднина ја продолжуваме во духот на наште предци. Чекориме сигурно кон светла и европска иднина, која во нашето Крушево, за нашата Македонија ќе донесе просперитет, рече меѓу другото Христоски.
Манифестацијата е и во знакот на 40-годишнината од Илинденскиот марш кој годинава зближи преку 50 коњаници од цела Македонија. Оваа традиција е дел од културата и историјата на Македонија.
Тоа мислење го дели и Драгана Каловска од Скопје која втора година учествува во Илинденскиот марш.
- Илинденскиот дух е голема работа. Тоа е она што ме мотивира - луѓето кои се жртвувале за татковината за ние да ја имаме слободата. Во ова модерно време, сметам дека уште повеќе треба да се трудиме да ја зачуваме традицијата, вели Каловска.
Коњаниците и делегации на општина Крушево, на партии и граѓани, положија цвеќиња пред бистата на Веле Марков, на гробовите на Питу Гули и на Тоше Проески на Гумење, пред споменикот на партизанските гробишта и во криптата на илинденските востаници.
Манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ за особен придонес им додели плакети на „Илинденски марш“ и постхумно на Христо Христоски-Мулар. Беше подигнат и бајракот на Крушевската Република кој на Гумење ќе се вее десет дена во кои манифестацијата ќе понуди бројни културни настани. Над Крушево беше изведен импровизиран напад со богат огномет, како потсетување на историските илинденски денови.
Ново на Сител
-
Нетанјаху ќе биде опериран во подземна сала поради опасност од ракетен истрел
-
Пронајдени десет мигранти во две товарни возила на граничниот премин Богородица
-
Постапка против десет лица за кривични дела поврзани со криумчарење возила
-
Во Јужна Кореја прогласена седумдневна жалост поради авионската несреќа
-
Коцевски: Од страна на Јавното обвинителство не протекуваат информации
-
Трент не го известил Ливерпул дека ќе премине во Реал
-
Почина Јагнула Куновска, македонска политичарка и адвокатка
-
Извршени десет претреси во Скопје, Неготино, Дојран и Битола во акцијата поврзана со криумчарење луксузни возила