Македонија
26. July 2018 - 8:11

Нов обид Димитров да реферира за надворешната политика

 Во Собранието на Република Македонија денеска седница треба да одржи Комисијата за надворешни прашања на која излагање за остварување на меѓународната политика треба да има министерот за надворешни работи Никола Димитров. 

Комисиската седница првично беше закажана за вчера, но и по два обида да започне, беше одложена откако претседателот на Комисијата, Антонио Милошоски, побара пратениците кои имаат безбедносни сертификати да ги добијат класифицираните материјали што како Комисија ги побарале и ги добиле од Претседателот на РМ. Според мего, тие се многу битни и значајни за надворешната политика и се однесуваат на ставовите на власта и министерот за надворешни работи во врска со преговорите за името со Грција, што е точка на дневниот ред.

Милошоски ги обвини власта и претседателот на Собранието Талат Џафери дека забраниле овие материјали да бидат доставени до пратениците и оти тоа говори дека се обидуваат нешто да сокријат. Потенцира и дека материјалите се однесуваат на две средби што се одржале кај Претседателот на државата во врска со преговорите за името со Грција во јануари и мај, на кои како што рече, министерот имал различни ставови. Воедно, најави дека седницата ќе почне откако материјалите ќе бидат доставени до членовите на Комисијата.
 
Министерот Димитров, кој немаше можност да говори пред Комисијата, во изјава за медиумите истакна дека во сите преговори има и преговарачки тактики, има позиции, но оти нема намера сега да говори за тоа за да не му наштети на целиот процес и постигнатиот Договор.
 
- Ние сме во еден деликатен процес. Се што ќе излезе во нашата јавност ќе се пренесе и во грчката јавност и таму може да им ја отежниме работата и за мене е многу поважно процесот да успее и да има резултат отколку јас денеска да излезам победник, а сите да излеземе поразени по крупната тема, рече Димитров додавајќи дека ќе дојде време кога ќе се декласифицираат сите работи.
 
Додаде дека за тоа како се води надворешната политика говорат постигнатите резултати, патоказот за ЕУ, поканата за членство во НАТО, постигнатите договори со Бугарија и Грција, како и посочувањето на Македонија од страна на меѓународната заедница како светол пример во регионот.
 
Претходно на почетокот на седницата пратениците од страна на власта ги обвинија Милошоски и опозицијата дека со неделовнички потези прават театар за да го тргнат вниманието од состојбите во паријата.Му порачаа доколку сака навистина дебата, да закаже посебна седница на која ќе разговараат отворено и контруктивно.
 
На денешната седница своите платформата за дипломатските активности ќе ги презентираат и четворица новонаименувани амбасадори на Република Македонија во Кралството Норвешка Серџим Мухамед, во Република Полска Васил Пановски, во Црна Гора Михајло Трпкоски и Александра Миовска во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.