Свет
13. April 2018 - 22:31

Вокер: Се уште гледам шанси за окончување на конфликтот во источна Украина

Најмалку 144 украински војници и 53 цивили се убиени во изминатите дванаесет месеци во источна Украина каде веќе четврта година беснее воен судир помеѓу проруските сили и регуларната војска на Украина, изјави денеска Курт Вокер, специјален претставник на Стејт департментот за Украина.

Вокер е американски преговарач за окончување на конфликтот во Донбас и тој досега неколку пати преговараше со Владислав Сурков, главен преговарач на Русија и помошник на претседателот Владимир Путин. Нивната последна средба беше во јануари во Дубаи.

Сепак, изгледите за разврска и спроведување на договорите од Минск гарантирани од лидерите на Украина, Русија, Франција и Германија на почетокот на 2015 засега изгледаат мали. Оттогаш примирјето и прекинот на огнот беа прекршени илјадници пати.

На брифинг со новинарите денеска во Вашингтон Вокер изјави дека се уште гледа шанси за одржување на мировниот процес и спроведување на договорите од Минск но изрази жалење поради непроменетите руските позиции веќе четврта година по започнување на воените дејства.

Според некои извештаи, во последните неколку недели е забележано ново раздвижување на тенкови и воена опрема кои од руска територија се префрлаат во источна Украина кон линиите на разграничување.  

-Свесни сме за тоа и овие дејствија од руска страна се немаат променето. Од страна на Русија постојано регистрираме пренос на тенкови, лансирни постројки, електронска и друга воена опрема, но и помош на проруските сили со логистика, изјави Вокер.

Според мисијата на ОБСЕ во Донбас во последните 12 месеци Русија го нарушила примиријето за запирање на огнот десетина илјади пати. ОБСЕ исто така регистрирала стотина пати употреба на ракетниот систем ГРАД и ист број на инциденти со забрана на движење и закани до цивили.

Џон Болтон, новоименуваниот советник за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп е против разместување на мировници на ОН на линиите на разграничување во источна Украина.

-Имам дискутирано со Болтон и ја разбирам неговата загриженост. Искуството со разместување на мировници на ОН во други нестабилни региони досега беше лошо – тој чекор водеше кон замрзнати конфликти, и тоа не е она што сакаме да се случи во Украина, изјави Вокер.

На прашање од МИА како САД би реагирале доколку регуларната армија на Украина го искористи моментот со влошените односи со Русија и можните ракетни удари врз Сирија од страна на сојузниците и изврши офанзива во Донбас, специјалниот претставник рече дека постојат такви ризици.

- Контeкстот во кој се одвиваат реалациите со Русија е обремент со многу проблеми и моментот прилично опасен. Имаме ризици со Сирија и ризици со Украина, но треба да бидеме внимателни и дадеме шанса за еден опфатен договор. Се надеваме дека тоа може да се постигне, изјави тој.

Според американскиот Стејт департмент, од почетокот на воените судири во источна Украина во 2014 година убиени се над 10 илјади лица, додека над 24 илјади се повредени, од нив 9 илјади се цивили.