Македонската полиција доби регионална награда за сузбивање компјутерски криминал
Секторот за компјутерски криминалитет и дигитална форензика при МВР, заедно со нивните колеги од соодветната служба при МВР на Република Србија, се добитници на награда за најуспешно реализирана акција за разбивање меѓународна криминална група што вршела нелегална терминација на меѓународен во национален телефонски сообраќај.
Наградата ја доделува Регионалната организацијата SELEC во која членуваат 12 земји од Југоисточна Европа, а која денеска во Охрид организира дводневна конференција, посветена на мултидисциплинарен пристап во размена на искуствата и трендовите од областа на комјутерскиот криминалитет и дигиталната форензика.
Што се однесува на самата акција на МВР на Македонија и на Србија, станува збор за разбивање криминална група, во која имало десет лица од Република Македонија. Приведените лица на почетокот од 2013 година набавиле и бесправно користеле телекомуникациски уреди за терминација на телефонски повици. Уредите преку интернет-мрежата ги поврзале со мрежата на странски мобилни оператори преку SIM картички и остварувале меѓународен телефонски сообраќај по цена на локален. Со тоа биле нанесени директни финансиски штети на мобилни оператори, од кои само на македонски оператори во вредност од над 500 илјади евра.
Посебно значајна за истрагата и реализацијата на ова дело, била размената на информации преку SELEC и офицерите за врска од Република Македонија и Република Србија.
За Марјан Стоилковски, началникот на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, наградата претставува потврда и признание за квалитетот на работењето на секторот, притоа нагласувајќи ја потребата од унапредување на сите активности насочени кон справување со тој вид криминал.
- Компјутерската безбедност претставува глобален предизвик, оттаму и за Република Македонија. Со ефикасен пристап во идентификација и истраги на кривични дела од областа, директно се придонесува за компјутерската безбедност на сите сфери во општеството, истакна Стоилковски.
За компјутерскиот криминал, тој забележа дека не треба да се гледа само како на предмет на обработка на полицијата, напротив, дека тоа е одговорност на секој релевантен капацитет на државата.
- Сите субјекти треба да соработуваат меѓусебно кога станува збор за компјутерската безбедност. Во таа насока ја негуваме и соработката со приватниот и финансискиот сектор, а со тоа директно придонесуваме за унапредување на безбедноста во областа во општеството, истакна Стоилковски.
Неговиот колега Саша Живановиќ, начелникот на Одделението за борба против високотехнолошки криминал на српското МВР, нагласи дека една од каратеристиките на тој вид криминал е што не познава граници, но навремената соработка и реакцијата на полициите од регионот преку SELEC-центарот ја негира таа премиса.
- Високотехнолошкиот криминал има тенденција на пораст. Како што се зголемува бројот нови услуги и сервиси преку Интернет, така се зголемуваат и појавите на обиди за злоупотреба. Тоа е сигнал за потребата од соработка на службите и размена на информации, за што потврда е самата оваа наша заедничка спроведена акција, истакна Живановиќ.
Кога станува збор за заштитата на субјектите во финасискиот сектор, Стоилковски забележа дека таа е на највисоко ниво, финансиските трансакции преку Интернет се безбедни и истовремено се води грижа и за заштита на податоците на корисниците. Според податоците на МВР, во Македонија во областа на компјутерскиот криминал моментално нагорен тренд бележат појави на т.н. „Е-комерц“, односно злоупотреби на Интернет, измами преку кражба на податоци и лажни интернет-профили.
На дводневната регионална конференција во Охрид покрај полициските претставници на 12-те членки на SELEC, учествуваат и претставници на банки, мобилни оператори и други релевантни институции засегнати од проблематиката на компјутерскиот криминал и злоупотреби.
Ново на Сител
-
Ведро и многу студено
-
Мареј нов тренер на Ѓоковиќ
-
Ердоган ги поздрави налозите за апсење на Меѓународниот кривичен суд против Нетанјаху и Галант
-
Блатер за ФИФА: Создадов чудовиште
-
Едно лице повредено во престрелка во Арачиново, вмешан и Шенки Версаче
-
Тројца уапсени по расистички навреди кон Ламин Јамал
-
ОЈО Тетово поведе истражна постапка против 51-годишник, поради оружје и муниција
-
Уапсен 65 годишен струмичанец, поради пронајдена дрога