Македонија
5. March 2018 - 17:32
Заев: Статус кво ситуација во преговорите со Грција
Во втората половина на март шефот на грчката дипломатија Коцијас треба да слета на скопскиот аеродром, на средба со министерот Димитров, а нова рунда преговори под покровителство на медијаторот Нимиц се очекува на крајот на март или почетокот на април, најави премиерот Заев.
Тој потврди дека Коѕијас ќе ја донесе грчката нацрт-спогодба, која може да биде предмет на разговори, но може и воопшто да не се разгледува. Засега ситуацијата во преговорите е статус кво.
,,Секако тие остануваат на нивните познати ставови. Ние сме исто така на нашите познати ставови. Остануваме оптимисти дека може да се најде решение за овој горлив проблем, што постои повеќе од 25 години, но притоа секако тоа мора да биде со зачувување на достоинството, идентитетот на двете страни во разговорите за името‘‘, изјави Заев.
И лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по средбата со премиерот потврди дека нема поместување на позициите.
,,Можам да констатирам дека нема поместување од презентираното на лидерската средба. Јас го повторив нашиот конзистентен став дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот, со цел промена на уставното име, а за идентитетските прашања како што се јазикот и нацијата не треба да се разговара‘‘, рече Мицкоски.
Дали драфт договорот ќе донесе нови моменти во преговорите не е познато, но деталите што протекоа во јавноста укажуваат на засилување на грчките црвени линии, што повторно го потврдија грчките политичари.
Претседателот Павлопулос, промената во македонскиот устав ја посочи како прв приоритет.
,,Прво да го сменат нивниот Устав, а потоа, кога ќе стигнеме до каков било договор, во овој договор ќе има име кое нема да зрачи иредентизам. И кога велиме иредентизам мислиме на три работи: не може во никој случај ова име да подразбира промена на границите. Второ, не може ова име да упатува на етничка припадност вон границите на ПЈРМ. И трето, не може ова име да упатува на јазик надвор од границите, што би предизвикало малцински права и во оваа област. Овие три работи се факт‘‘, изјави Павлопулос.
Павлопулос додава дека Грција нема да биде одговорна доколку македонската влада, со нејзиниот став, самата ја поткопува НАТО и ЕУ перспективата.
И новиот заменик министер за одбрана Фотис Кувелис, кој, според грчките медиуми е назначен на таа позиција за да го замени министерот Каменос во НАТО, доколку Македонија добие покана за членство во Алијансата, смета дека со договорот ќе мора да настанат промени во уставот.
,,Што велиме денес? Секако иредентизмот треба да остане далеку, потребна е одредница на едно име што нема да создава конфузии и какви било други прашања и секако потребен е еден меѓународен договор што води кон промена на кои било уставни одредби што го потенцираат иредентизмот од страна на ПЈРМ‘‘, вели Кувелис.
Тој додава дека тоа е негов став, но и став на грчкото Министерство за надворешни работи.
-
Валентин Николоски
Сите содржини од овој новинар
-->
-->