Фудбал
15. October 2015 - 13:41

Кастратовиќ: Девојките заслужија полна сала

Македонскиот ракометен првак во женска конкуренција Вардар во дуелот со двократниот европски шампион Ѓер ќе ја почне новата сезона во Лигата на шампионите, каде главна цел е пласман на завршниот турнир.

Тренерот на ЖРК Вардар Индира Кастратовиќ на денешниот прес изјави:

  •  Девојките заслужија да играат пред полна сала и да ја почуствуваат атмосферата како и машката екипа. Нашиот ривал во сабота е екипа за респект, а за нас проблем може да биде тоа што ова ни е прв официјален натпревар сезонава. Имаме квалитетни ракометарки, но сепак ќе истакнам уште еднаш дека одбраната е клучна за победата. Се надевам дека контролните што ги одигравме ќе бидат доволни бидејќи квалитетно работевме. Но, секогаш се добредојдени повеќе натпревари.

Јованка Радичевиќ (поранешна ракометрка на Ѓер) дел од натпреварите ги прескокна, а за следниот дуел истакна:

  • Повредата е веќе минато и во сабота очекувам добар настап. Работевме напорно, а за ривал ќе имаме квалитетен состав. Но и Вардар е квалитетен тим, кај нас има желба и мотив и очекуваме полна сала. Ѓер е во предност само затоа што играат натпревари во унгарската лига.

Минатата година токму ЖРК Вардар го спречи Ѓер во одбраната на европската титула и во четвртфиналето „вардарки“ го елиминираа тогашниот европски првак – победа во Скопје 24:18 и нерешено во Ѓер 27:27. Но, за разлика од лани во составот на Ѓер се вратија – Горбиц, Аморим, е донесена Грот од Холандија. Инаку, Ѓер оваа сезона во ЛШ настапува откако успешно ги мина квалификациите.

Претседателката на ЖРК Вардар Гордана Нацева за претстојната сезона изјави:

  • Вардар на стартот има тежок ривал. Наша цел е да играме европско финале, а ако може и да го освоиме пехарот. Ѓер е многу посилна екипа од лани. Иако немаме квалитетни ривали во моментов можам да кажам дека екипата е подготвена за претстојната сезона.

Натпреварот ЖРК Вардар – Ѓер се игра во сабота во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 20:15 часот, додека вториот дуел од групата Ц меѓу Митјиланд и Хипо се игра во недела.