Македонија
28. November 2017 - 8:25

Концертна промоција на „Рожба“ на музичкиот состав „Портал“

Претпоследниот настан од 18. Есенски музички свечености е концертна промоција на најновото цеде на Марјан Јанкоски и музичкиот состав „Портал“ насловено „Рожба“.

Содржи 11 композиции, од кои три се народни, а за осум Јанкоски е автор на музиката. Една од нив, насловена „Мило чедо“, Јанкоски му ја посветил на  Тоше Проески.

-  Сакавме да му се оддолжиме на Тоше за се што направи. „Мило чедо“ е авторско дело за мојот пријател и соработник, рече Јанкоски на прес-конференција со која беше најавена годинашната манифестација Есенски музички свечености.

Јанкоски е основач на групата „Портал“ во 2002 година и е вокал и изведувач на гајда и кавал. Во составот членуваат и: Сашко Петров (тамбура), Ангеле Михајловски (пијано), Иле Колев (кларинет), Елена Ѓоргиевска (вокал и виолина), Златко Панов (виола) и Стојанче Наумовски (виолончело).

Промоцијата, која ја организира Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, ќе се  одржи во Музејот на македонската борба со почеток во 20 часот.