Македонија
27. October 2017 - 16:38

Жителите на 35 општини во недела ќе изберат градоначалник во вториот круг од изборите

35 општини преку вториот круг во недела ќе ги добијат своите градоначалници. 68 кандидати од 8 политички партии и 2 независни претенденти ќе ја бараат довербата на 833.710 граѓани на избирачкиот список кои своето право на глас ќе го остварат на 1.517 избирачки места. 
 
Поголем дел од нив, или 387 се во шесте скопски општини каде право на глас имаат 260.194 граѓани.
 
Најмногу кандидати, 22 има од редовите на СДСМ. 19 се од ВМРО-ДПМНЕ, 12 од ДУИ, 7 од БЕСА, 5 од Алијансата и по еден од ДПА, НДМ и СРМ
 
Најмногу дуели ќе имаат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Нивните кандидати ќе ги одмерат силите во 18 општини. Од нив, ВМРО-ДПМНЕ има предност во 6 општини, а СДСМ во 12.  Социјалдемократите ќе имаат директни дуели и со НДМ на Јанко Бачев во Чашка, со партијата на Амди Бајрам во Шуто Оризари и со коалициониот партнер ДУИ во Долнени. Двете најголеми македонски политички партии во Брвеница и Могила ќе се соочат со независни кандидати. 
 
ДУИ ќе брка градоначалник во директен дуел со БЕСА во 6 општини а со Алијансата во 5, додека ДПА ќе се обиде да освои повеќе гласови од БЕСА во Студенчани. 
 
Според резултатите од првиот круг во 4 општини разликата меѓу кандидатите била помала од 100 гласа. Најтесно беше во Штип каде Захариев освои само 36 гласа повеќе од Бочварски. Под 100 гласа разлика во првиот круг имаше и во Демир Капија, Росоман и Чешиново Облешево. 
 
Најголема предност по првиот круг имаше Теута Арифи во Тетово. Таа првиот круг го заврши со близу 4.500 гласа предност пред Касами од БЕСА.  Висока предност од над 3000 гласа ДУИ имаше пред БЕСА и во Сарај и Липково, додека во Чаир водеше со 1600 гласа разлика. Ако се гледа математички коалицијата на БЕСА со Алијансата може да му ги помати сметките на ДУИ во најголемите општини каде што живеат етнички Албанци.
 
По првиот круг од локалните избори 59,5% од вкупниот број на гласачи избраа 46 градоначалници. 38 се од редовите на СДСМ, тројца од ВМРО-ДПМНЕ, двајца од ДУИ и еден од Демократската партија на Турицте. Два мандати во првиот круг освоија независни кандидати.