Убавините на Зелен брег, највисокиот врв на планината Кожуф
Околу шест часа планинарење со паузи се потребни за од месноста Аџибарица, над Смрдлива Вода, гевгелиско, да се стигне пеш до Зелен брег, највисокиот врв на планината Кожуф и назад. На 2.172 метри надморска височина, вистинско задоволство е да се биде дел од една таква планинска авантура. Планинскиот бисер на југот од земјата ги освојува симпатиите на сите оние кои барем за миг биле сведоци на неговите убавини. И додека љубителите на природата уживаат во дивината обидувајќи се да го фотографираат тој своевиден рај на земјата за да можат да го покажат, се радуваат на фактот што немањето на мобилна мрежа одвреме навреме, во случајов значи целосно препуштање во прегратките на магијата и мистеријата на Кожуф. Таму просто ти се чини дека облаците се на дофат на раката.
Поради наизменичното менување на есенското сонце и планинското ветре, кај човек се јавува дилемата што е попријатно, галењето од сончевите зраци или ветровитото милување. Одлуката не е лесна, исто како што е тешко да се реши во кое доба од годината да се посети планината која мами воздишки, бидејќи таа е едноставно прекрасна во секое од годишните времиња. Токму затоа едни ја нарекуваат снежна убавица и не можат да одолеат на нејзиниот снег што се задржува долго, за други таа е златокоса кралица. Меките килими од кожуфското зеленило на пролет или есенските лисја, се само дел од извонредните пејсажи насликани од уметничката рака на мајката природа, кои го одземаат здивот. Кожуф е привилегија за сите сетила. Освен одмор за очите и најубавата музика за ушите претставена низ мелодијата од птиците, тука можете да ги вкусите и најубавите планински плодови. Местата богати со папрат се идеални за производство на превкусен компир.
- Долги години планинарам, сум искачил многу домашни и странски планински врвови, а Зелен брег ми е еден од омилените. Тој претставува атракција сам по себе. Знаете, ние планинарите знаеме да кажеме дека кога Бог дарувал, се заборавил кога го дарувал Кожувјето. Затоа каде и да одам, повторно и повторно му се враќам. Како со магнет привлечен од таа чудесна убавина, природа како од бајките. А со секое враќање, нови спомени и импресии од тоа парче живот, што ти личи дека е дел од некој нереален свет, и секогаш одново и одново те фасцинира. За чистиот воздух и да не зборувам. Тој, треба да се доживее, вели планинарот Блаже Мелов од Кавадарци.
Погледнете со какво задоволство уживаат овие луѓе кои за момент си подлегнуваат крај врвот за да можат на некој начин да се соединат со земјата под чудесното небо, довикува друг планинар.
Приказната за девојката и двете момчиња
На пат кон Зелен брег, искусниот планинар Благој Ѓорѓиев Жабчето од гевгелиското планинарско друштво, ни ја раскажа и легендата за Момина Чука, планинскиот врв кој се наоѓа над ски населбата од скијачкиот центар Кожуф.
- Си била една мома многу убава, ама имало и двајца млади што ја сакале многу. Дошла таа горе на тоа извишено место и им кажала дека ќе биде на тој, што побрзо ќе слезе долу и ќе и донесе студена вода од изворот. Двајцата се стрчале долу со стомните. Се качиле горе во исто време. Тогаш им кажала дека ќе му стане жена на тој што побрзо ќе ја испие водата. Брзајќи да ја испијат водата, им пукнале срцата и умреле наместо двајцата. Останала таа сама горе на врвот, се стемнило, па ја фатило голем страв. Почнало нешто да се крши, некое диво животно поминувало сигурно, се исплашила толку многу што умрела од страв. Затоа овој врв на Кожуф го добил името Момина чука, раскажа тој.
Планинарката Милена Карагонова пак, секретар во планинарското друштво Кожуф од Гевгелија, што беше организатор на планинарската акција, ни раскажа за легендата околу тоа како прекрасната планина на југот од државата го добила своето име.
- Во минатото имало тука некој овчар со стадо, имал и син. Снемале леб и детето заминало дома по леб, долу во селото. Мајка му му дала се што треба и храна и вода, а му рекла да си го земе и кожуфчето. Не го сакам, рекло момчето, топло е. Арно ама среде пат го фатило многу студено време, а тој само повторувал ех, кожуфчето сега каде ми е. Така настанало името на планината Кожуф, рече планинарката.
Поминавме интересни и незаборавни моменти, а по пат слушнавме и дека има многу остатоци од Првата Светска Војна горе на планината, но и многу златомани, кои бараат злато во оваа дивина. Се шегувавме дека ете ќе се скараме ако случајно најдеме злато, зашто не имаше многу планинари.
Маршот во чест на прерано починатиот планинар
Организатор на 13-от по ред меморијал Димитар Кангов-Кангата, беше планинарското друштво „Кожуф“ од Гевгелија. Како што појасни претседателот Ристо Картов, маршот се организира секоја година, во спомен на прерано починатиот планинар, кој починал токму во прегратките на планината Кожуф, на околу 400 метри од врвот Зелен брег, откако го искачиле врвот Џена. Планинарите поминаа пеш околу 14 километри, почнувајќи од местото Аџибарица над месноста Смрдлива Вода, до самиот врв. По пат минаа и низ месноста Марково Езеро. Планинареа планинари од повеќе планинарски друштва од Македонија. Околу 200 учесници од најмала до најголема возраст, најмногу до сега. Мажи, жени, деца. Многумина забораваат на вишокот килограми и диетата, кога организаторот нуди ужинка. Се е толку прекрасно во планината.
На врвот беа поделени и дипломи. Планинарите поминаа околу 45 километри по асфалт од Гевгелија до Аџибарица, пред акцијата. Претходно, секој дојде од своето место до најјужниот град на Македонија. На дел од кривулестиот пат од Смрдлива Вода нагоре, поради одрони тешко можат да се разминат две возила на патот. На одење и враќање, кај Смрдлива Вода сите што сакаат можат да наполнат од водата за која се верува дека е лековита и да си купат од лебот мек како душа и печен во фурна на жар.
Кога човек го остава Зелен Брег зад себе, му се чини дека остава дел од себе горе на Кожуф. Љубовта кон планината е чиста и неизвалкана, исто како и природата во нејзините пазуви.
Светлана Дарудова/МИА
Ново на Сител
-
Силекс лидер во Првата македонска фудбалска лига
-
Одбрано новото раководство на СДСМ: Александар Димитријевиќ нов генерален секретар, избрани потпретседатели
-
Масовна тепачка во скопска кафеана за тоа кој да ја плати сметката
-
Крадец влегол во домот на скопјанец и украл парчиња накит, потоа го нападнал и сопственикот
-
Измамен 54-годишен за 730 илјади денари, му кажале дека има 15.000 долари заглавени во банка
-
Тешка сообраќајна несреќа на магистралата Гостивар – Кичево
-
Во Основниот суд во Куманово продолжи рочиштето против кумановскиот градоначалник Димитриевски
-
Последиците од договорите со Грција и Бугарија се евидентни и сѐ уште не им се гледа крајот, смета претседателот на МАНУ